News

Наслов на активност: (2 – 4г.) “За да бидеш здрав“ – Стихотворба

Цели на активноста:

-Да се развиваат способности за јасно рецитирање на стихотворби со промена на интонацијата на гласот
-Да се оспособува и навикнува детето на правилно дишење, потребно за добар изговор
-​Да се развива способност за употребување нови зборови и поттикнување за прашување за значењето на некој непознат збор.

(Текстот од стихотворбата во прилог)

Тек на активноста:

Како што одминуваат есенските месеци и се наближува зимата, времето станува се постудено, а опасноста од настинки и болести е се поприсутна. Од тука се наметнува потребата да поразговарате со вашето дете, за се она што можете да го направите за да се заштитите од болестите и настинките. Напомнете му дека треба секогаш топло да се облекуваме (да носиме јакна, шалче, капче, топли чевли..) мора да јадеме здрава храна полна со витамини и минерали, односно повеќе овошје и зеленчук, секогаш кога сме во можност да спортуваме, вежбаме, да пешачиме и многу важно да се грижиме за личната хигиена.

Предложете му да слушне една убава стихотворба во која се зборува токму за овие работи, а истата се вика „ЗА ДА БИДЕШ ЗДРАВ“. Прочитајте му ја стихотворбата неколку пати на вашето дете, поразговарајте за содржината, односно прашајте го дали ја разбрало, дали има некои непознати зборови и сл. Потоа заедно со вашето дете обидете се да ја научите заедно стихотворбата, меѓусебно потсетувајте се на содржината (така ќе го поттикнете детето полесно да ја научи, како и да му биде позабавно). На крајот можете да ги израдувате баба и дедо, со тоа што вашето дете ќе ја изрецитира стихотворбата пред нив или пак на телефон.

ЗА ДА БИДЕШ ЗДРАВ

За да бидеш здрав и цврст,
не ставај во уста прст
и овошје јади зрело,
пиј наутро млеко врело!
И зеленчук штом се сади,
штом порасне, многу јади.
Вежбај, скокај, в простор ширен,
за да бидеш здрав и силен.
Кога студот реже, коси,
палто, шалче, џемпер носи!
Ако одиш гол и бос,
ќе ти стане чешма – нос.
За да бидеш здрав и цврст,
не ставај во уста прст.

Подготвил: Воспитувач – Анкица Поповска