News

Наслов на активност: (2 – 4г.) Мојот прибор за лична хигиена – Сликање

Цели на активноста: 

– навикнување на редовно и правилно користење на средствата и приборот за лична хигиена
– да ја негува уредноста и да се поттикне детето да води грижа за личната хигиена
– развој на фината моторика на дланката и координација око-рака

Потребен материјал: дрвени боички, лист од блок, прибор за лична хигиена како нагледно средство, листови во боја, лепак…

Тек на активност:

Сите ние знаеме за да ја одржуваме хигиената на високо ниво, мораме почесто да ги менуваме четките за заби, чешлите за коса, сунѓерите за туширање и друг прибор за лична хигиена. За таа цел, со вашето дете разговарајта за тоа – кој прибор од личната хигиена го познава и кое за што ни служи. Потоа објаснете му – кога треба да се мијат запчињата, кога и како се мијат рачињата со сапунче, зошто ни служи чешелот итн.

Потоа влезете во бањата со вашето дете и објаснете му дека тоа е место за стекнување на хигиенски навики и дозволете му да ги именува и практично да покаже – како го користи својот приборот за лична хигиена.

Понудете му на детето да обои по претходно нацртани контури – нешто од приборот за лична хигиена..(чешел, четка за заби, сапунче, сунѓерче за бањање).

Можете да му понудите на детето, на претходно нацртано пешкирче на лист хартија, креативно да се изрази, да го украси по свое видување – преку техника колаж во различни бои (цепи – лепи).

Додека работи детето, пофалете го за неговата креативност и направете мала изложба во неговата соба.

Подготвил: Воспитувач – Ана Пандиловска