News

Наслов на активноста: (4 – 6г.) Какво е времето денеска? – Изработка на метеоролошки календар

Цели на активноста:

*да се запознае со метеоролошките појави и атмосферските прилики, истите да ги препознава и разликува
*да создава интерес кон научниот пристап во проучувањето и осознавањето на природата и природните појави
*да се поттикнува да црта, изработува и моделира по зададена тема
*да се поттикне самостојноста при одредени активности: цртање, сечење, лепење

Потребен материјал: хамер, хартија во боја, фломастери, ножички, лепак за хартија, спојувалки

Тек на активноста:

Почитувани, Ви предлагам игра, преку која Вашето дете подобро ќе ги запознае метеоролошките појави. За таа цел ќе треба да изработите метеоролошки календар (како во примерите подолу). Најпрво подгответе апликации за секоја од појавите на пример: за сончево време – нацртајте сонце, за врнежливо време – нацртајте сино облаче со капки дожд, а облачето со грмотевици ќе асоцира на врнежливо време, проследено со грмежи. Белото облаче го претставува облачното време, а за снегулката веќе сите добро знаеме. Убаво би било, додека ја изработувате секоја апликација, да го прашате детето – како се чувствува кога времето е сончево, дали е весело, среќно, енергично или пак е тажно, нерасположено? Какво чувство предизвикува кај него грмотевицата, дали е расположено или пак исплашено? Што чувствува пак кога времето е облачно или ветровито? Бидете трпеливи и поттикнете го детето да ги открие своите чувства, за секоја од временските пoјави.

Кога се подготвени сите апликации, време е да изработите метеоролошки календар. Поставете го на одредено место во домот и означете со соодветната апликација – какво е времето денес. Оваа изработка нека ви послужи за секојдневни игри. Секојдневно забележувајте ги временските појави. Можете и повеќе пати во текот на денот да ги менувате, доколку времето е променливо.

Можете да играте и игра „Временска прогноза“, во која Вие ќе бидете публика, а детето ќе биде презентер на временска прогноза и ќе прогнозира какво ќе биде времето утре или во наредните неколку дена.

Ви посакувам многу забава со календарот и многу радост и насмевки без разлика на временската состојба.

Подготвил: Воспитувач – Сашка Михајлова