News

Возрасна група:  4 – 6 години

Наслов на активноста: (4-6г.) Сетило за слух / ,,Како слушам јас? Истражуваме, откриваме звуци – Кој, како се огласува?

Цели на активноста:

-Секојдневно препознавање, именување на сетилни дразби од блиското опкружување,
-Поттикнување на љубопитност за своето тело, сетилата, нивната улога и начин на грижа за нив,
-Оспособување за разликување на различни звуци и гласови,
-Поттикнување на креативно изразување на сетилните дразби,
-Збогатување на детскиот речник со нови зборови,
-Поттикнување на детето во процесот на учење и откривање.
-Развој на аудитивната меморија,

Потребен материјал:

Детска книга ,,Запознајте ги своите сетила,” предмети од непосредната околина,  2 чаши, волница, 6 кутии или мали тегли, разновидни семиња, музички инструменти

Тек на активноста:

Едно од петте сетила кое го користиме, за да научиме за светот во кој живееме е сетилото за слух.

Одете во просторија каде што детето нема да може да ве види и разлистувајте некоја книга, пишувајте на лист хартија и прашајте го детето што сте направиле. Тоа ќе ви одговори дека не знае што  сте правеле, затоа што не може да ве гледа и да ве слушне. Без слух тешко е да се научи за  светот околу себе.

/ Свртете се и направете три различни звуци што ќе може да ги идентификува, на пр. свирнете, тропнете со нозете и произведете звук на плачење. После секој звук, прашајте го што правите, како знае кога не може да ве види. Очекуваниот одговорот ќе биде дека знаат што правите, затоа што можат да ве слушнат.

/ Предложете му на детето да изработите телефон, со кој ќе може да разговарате. Земете 2 хартиени чаши кои ке ги поврзете со јаже или волница. Оддалечете се и разговарајте со телефонот. Објаснете му на детето дека кога зборувате, воздухот вибрира. Јажето носи вибрации до другата чаша и ги слуша како звуци. Звуците одат до нашите уши.

/ Пуштете му радио и побарајте од детето да ги стави рацете на радиото за да ги почувствува вибрациите. Кажете му дека можеме да слушаме музика или глас што доаѓа од радиото или телефонот, затоа што го прави воздухот да вибрира и да се движи напред – назад создавајќи звучни бранови, кои стигнуваат до надворешното уво – школка, низ ушниот канал и го растреперуваат ушното тапанче. Трепетењето се пренесува  од средното уво до внатрешното уво. Од тука дразбите одат до мозокот.

/ За да слуша и разликува различни звуци пријатни – непријатни, штетни, шумови и гласови, послужете се со музичка читанка, со  музички инструменти или пак кога сте на прошетка во блиската околина – снимајте различни звуци од природата со телефон.

/ Заедно изработете – Звучна кутија – која се состои од 6 мали кутии или теглички кои се полнат со различна содржина (сол, шеќер, ориз , вода, грав) кои со протресување ќе произведат одредени звуци, од кои 2 се со иста големина, иста содржина. Дајте му задача на детето според компарација на звукот да го пронајде контатибилниот пар, да ги реди по звучност и тежина (низа серијација) и да ги препознава меѓусебните врски помеѓу големина и тежина.

Истакнете му ја важноста за грижата за нашето сетило за слух, бидејќи тоа претставува врска помеѓу нас и надворешниот свет. Посоветувајте го за да не го оштети увото и слухот треба да избегнува премогу бучни места, аларми и секако висока јачина на звук, со која слуша музика со слушалките во ушите.

Подготвил: Воспитувач – Леонора Танова