News

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: (4-6г.) Сетило за допир – кожа

Цели на активноста:

-Сензибилизирање на тактилната осетливост
-Збогатување на сетилните искуства преку допир на различни материјали,
-Поттикнување на развој на креативноста со манипулација на неструктуриран материјал
-Богатење на речникот со нови зборови, кои ги опишуваат дразбите

Потребен материјал: книга за деца “Запознај ги своите сетила”, торбичка или кутија, играчки, разновиден неструктуриран материјал, пластични садови, темперни бои.

Тек на активноста:

Сетилото за допир ни помага да научиме за нашиот свет, да го почувствувме сето она што не опкружува, чувствуваме и учиме за големината, текстурата и обликот на нештата.

Разгледувајте ја заедно со своето дете – книгата за петте сетила и прашајте го кој дел од телото го користи за да гледа, да слуша,  да вкуси, да мириса.

Истражувајте заедно. Кажете му дека чувството за допир е исто така многу важно. Ние чувствуваме кога некој или нешто ќе не допре. Може да играте со детето, допирајте го и нека каже каде го допирате – на раката, стапалото, рамото, ногата, дланките, а потоа сменете ги улогите.

/ Подгответе кутија или торба, во која ќе ставите повеќе предмети со различни големини и форми. Со затворени очи нека извлекува по еден предмет. Извлечениот предмет нека го идентификува само со чувството за допир, да допира со рацете и да опишува каков е предмето, употребувајќи ги зборовите – мал/голем, мазен/рапав, сув/влажен, мек/тврд, каква форма има, за што се употребува.

/ Како следна игра, може да ги подредува различните предмети што ги одбрал од вреќата од најголем до најмал, а потоа од најмал до најголем.

/ Понудете му три сада со вода – едниот со вода на собна температура, другиот со ладна, а третиот со топла вода – доволна за да се разликува за да може да ги идентификува. Во едниот ставете песок, во другиот мали камчиња, а во третиот не е важно од каков материјал – мазен, мек, тврди зрна и сл. Нека ги стави рацете во сите три сада и нека опише како и што чувствува. Дали може истовремено да ја почувствува температурата на водата и текстурата? Потоа истото да го повтори со боси нозе. Прашајте го дали може да почувствува дека истовремено допира нешто влажно (водата) и нешто грубо (семиња, камчиња). Нека направи споредба – дали почувствувал постудено со рацете – прстите или пак со стапалата. Дали сакаат да одат со боси нозе по трева, по камења? Зошто? Зошто да не?

/ Покажете му на детето дијаграм на епидермисот. Објаснете му дека нашата кожа го покрива целото тело. Taa не штити, а во исто време дава информации за тоа што има околу и надвор од нашето тело. Кога ќе допреме нешто – нашата кожа ни кажува дали тоа нешто е чудно, пријатно или опасно, влажно/суво, меко/тврдо, студено/топло, мазно/рапаво. Таа ни дава пораки за сите овие работи – за сите во исто време. Кожата го штити нашето тело и на друг начин – ги чува штетните организми кои предизвикуваат инфекции, болести. На пр.објаснете му на детето ако се исечеме на прстот, ставаме фластер за да не навлезат нечистотии и да предизвикаат инфекции. Кожата е како огромен фластер над нашето тело кое помага да се чуваат органите.

Сите информации што ги добиваат нашите сетила доаѓаат до нашиот мозок преку нервните завршетоци. Исто е и со нашата кожа, содржи многу нервни завршетоци кои испраќаат порака до мозокот, кажувајќи му како се чувствувате.

Објаснете му на детето како да се грижи за својата кожа. Ако допре нешто жешко, тоа ќе го повреди, ако падне ќе му се појават модринки на кожата. Едно нешто што не ни се допаѓа кај нашите чувства е дека можеме да чувствуваме болка. Тоа е еден од начините како нашето чувство за допир не штити. Влакната на телото – косата и ноктите се дел од кожата кои немаат нервни завршетоци и кога се предолги ги сечеме и не чувствуваме болка. Ноктите и косата исто така го штитат нашето тело.

Кожата на врвовите од прстите е најчувствителна. На нив има врежани крукчиња и линии во кожата и не постојат две лица во светот кои имаат исти отпечатоци.

Во контекст на тоа, изработете сензорна табла составена од делови од различни материјали. За да ја  почувствува структурата на темперните бои со врвовите од прстите, заедно изработете слика која ќе го краси вашиот дом.

Подготвил: Воспитувач – Леонора Танова