News

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: (2-4г.) ,,Погоди кое животно сум јас “- Дидактички и имитативни игри

Цели на активноста:

  • Натамошно развивање на функцијата на говорниот апарат
  • Оспособување за контролата на движење – практична самоконтрола
  • Запознавање со карактеристичните облици на движење на животните (трча, лета, скока, лови..)
  • Оспособување за користење маска, како изразно средство за претставување на конкретно животно
  • Развивање на моториката за работа со разновидни материјали

Потребен материјал:

Апликации (сликички) со разни видови на животни, песнички од YOUTUBE, блок хартија, темперни бои, четка, ножици, лепак, ластиче, музичка сликовница со звуци од животни, енциколпедија

Тек на активноста:

Не е тајна дека децата обожаваат животни. Доволно е само да ги погледнете во очи кога пред нив стои мило животинче, за да видите неизмерна радост во нивниот поглед. Без оглед дали станува збор за шумски, домашни животни, децата уживаат во друштво и забава, кои ги нудат нивните пријатели од животинското царство. Да не заборавиме дека љубовта кон животните се раѓа и негува од најрана возраст. Активноста ќе биде токму за животните.

Изработете со детето апликации од повеќе шумски животни (можете да симнете сликички со животни од интернет). Превртете ги наопаку и почнете да играте игра. Најпрво детето нека извлече една сликичка, а потоа и Вие. Откако ќе одбере сликичка со животно, негова задача е да го именува, разговарајте за неговата големина, дали е големо или мало, дали има пердуви или крзно, во која боја е и колку нозе има, со што се храни и каде живее (можете да користите енциклопедија), а потоа и да го имитира, односно да покаже како се движи, скока, какви звуци испушта т.е како се огласува. Охрабрете го детето, додека го имитира животното – со аплауз. Нареден играч кој одбира сликичка сте Вие. Ваш ред е да го именувате и да кажете се што знаете за него. Бидете дете со вашето дете. Влезете во чевлите на детето и чекорете по неговите стапки. Имитирајте го животното лазејќи, скокајќи…тркалајте се со детето на подот смеејќи се, на оваа игра и нема крај…Доколку имате музичка сликовница со звуци од животни -играјте ја. Пуштете ја на youtube и слушајте ја песничката: ,, Волчко сив“- Златно славејче – 2007 (https://youtu.be/nGlM9ngkavw) и уживајте во веселата атмосфера.

На крај, понудете му на детето да изработите маска од едно шумско  животно по негова желба. Ликот на животното да го нацрта на лист хартија од блок, да го обои со темперни бои и четка, а потоа и исече (секако со ваша помош). На краевите од маската ставете ластиче и имитирајте го животното. Продолжете со играта се додека има заинтересираност од страна на детето.

Примери за  игри:
1. Игра меморија со сликички од животни

2. Најди ја соодветната храна за животното (на едната половина од листот има претставено храна, а на другата половина животни – детето нека поврзе со моливче – која храна ја јаде животното)

3. Игра со броеви (на една сликичка нека има повеќе животни. Колку животни има на сликата? Бројте….

4. Гатанки

Сама баба, куќа носи  (желка)

Живо свиено, со игли набиено (еже)

Подготвила – Силвана Бошковска- Ќулавковска