News

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: (2-4г.) Обработка на сликовница „Ежовата куќичка“

Цели на активноста:
– Развој и негување на поврзаниот говор
– Збогатување на детскиот речник со нови зборови
– Запознавање со содржината на сликовницата
Тек на активноста
Сликовницата е првата книга во рацете на детето. Таа не само што придонесува и помага да се приспособат децата да ги читаат сликите, да раскажуваат и прераскажуваат, туку таа придонесува да се развива љубов кон книгата и интерес за спонтано описменување, спонтано учење на буквите. Така и оваа сликовница – тажната приказна со среќен крај.

Ежовата куќичка
Во шумата си талкаше ежето Ешко. Волкот и мечката го познаваа ежот – славен ловец, на кој и јастребот му се поклонуваше и змијата го сонуваше.

Еден ден Ешко доби медено писмо, кое го донесе зајчето поштар.
Адреса кратка, букви како јајца за ежот Ешко, на крајот од шумата. Во писмото пишуваше: „Еженце брате, те канам на ручек, само побрзај не жали ги стопалата, со полн лонец те чекам, нежно те гушкам и поздрав ти праќам – лисица Мица“. Ежот се радува и почна да ги подготвува сите триста шила боцки, ако има бој на патот да биде подготвен за одбрана тој.

Кога пристигна Ешко кај лисицата Мица, ја симна шапката и подари цвеќе и  посака: „Добро попладне лисо, ти се поклонувам со боцки 300. Секогаш живеј во мир и среќа во изобилство и убавини во твојот прекрасен дом. Никогаш да не слушнеш лавеж на куче“.

Ешко за ручек се стокмил, започна магичен, чудесен ручек. Ежот и лисицата почнаа да се гостат. Ешко често здравица прави – во здравје на Лиса и нејзината куќа и после четири часовен ручек, ги наполнија стомаците.

Ноќ над целата шума. Шумата замолкна, бучавата исчезна, дивите очи на мачката светнаа, а бувот се јави – пазете птици ловот започнува. Разделба…..
Ежот станува, ја брише муцката. Беше добро, но сега морам да одам дома. Доволно е Лисо драга, многу ти благодарам. Лисицата Мица го кани ежот да остане во нејзината куќичка, но ешко и одговори: Ви благодарам за поканата, но повеќе го сакам мојот скромен дом.

Месечината му го осветли патот во шумата на ежот. Тој оди и си пее „Мојата куќичка, најубавиот рај“. Лисицата остана мислејќи – зошто неговата куќичка е толку драга за него? Можеби има богат дом и изобилува со раскош. Се замисли лисицата и тргна по ежот. Лисицата по патот, го сретна волкот и го праша: Каде брзаш кажи му на ловецот, можеби најде негде овца? Волкот и одговори: Идам да дознам – зошто ежот толку многу ја чува куќата. И така тргнале по патот лисицата и волкот.

Тргнаа лисицата и волкот по патот и ги сретна мечката. Ги прашува – Каде брзате, да не најдовте езеро од мед? Тие одговориле – Не, брзаме да видиме зошто ежот ја сака својата куќичка. Јас би ја дал мојата за скапани круши и тегла со мед. Ќе дојдам со вас, бидејќи сакам шеги – рекла лакомата мечка.

Сите тројца тргнаа по патот и ја сретнаа дивата свиња, која се бањаше во калта и сонуваше храна. Еј другари, каде ита дружината? На тоа волкот и одговори – Бараме причина зашто Ешко го сака родното место?. Свињата се придружи на дружината и таа својот дом за половина ручек би го дала.

Сите тргнаа сложно.

Ежот пристигна покрај некои стари букови трупци. Под дупката од стебло  – темна и глува дупка, а во неа килим од суви лисја. Каков и да е мојот дом, тој ми е мил и драг, скромен е, ама е мој и тука сум газда свој. Влегува во неа ежот Ешко и плива во среќа. Си го мести креветот како за него, а потоа си легна, се истегна во него  и рече: „Куќичко драга, куќичка моја, слободичка палата, прекрасна со дрвен свод, лулка мека и тврд под. Јас секогаш ќе ти останам верен и не би те менувал за ништо. Живеам во тебе без грижи и страв и ќе те бранам до последен здив“.

На тоа мечката, свињата и волкот му одговорија – Будала Еже, бодлив сој,  твојата колиба е стара, покривот е расипан, а тепихот е слаб. Мора да има и болви во неа и секој за добар ручек би ја дал.

Лиса си молчеше мудро. Излезе ежето со сјај во очите и на посетителите негови им одговори – Каков и да е мојот дом, тој ми е мил и драг, скромен е, ама е мој и тука сум слободен и газда свој. Вреден сум, работам, ловам и мирно живеам во домот мој. Само такви како вас, домот ќе го сменат за час. Ова го слушна лисицата Мица и рече: „Сега гледам и јас – Ежот има право, волкот го сретна ловечка хајка, а Медо го искасаа пчели, дивата свиња ја фатија ловци. Ежот Ешко и денес си лови во шумата своја и верно го чува домот свој.

Обидете се заедно со детето, да ја прераскажете приказната.

Подготвил: Воспитувач – Чурлинова Сузана