News

Возрасна група:  2 – 4 години

Наслов на активноста: (2-4г.) Обработка на драмски текст “Дедо Медо и крушата”

Цели на активноста:

–    Да се развиваат спсобностите за слушање, разбирање и доживување на содржината на литературните творби.
–    Да се збогатува речникот со зборови кои означуваат поопшти поими.
–     Да се развива способноста за раскажување со куси целосни реченици.

Потребен материјал: Драмски текст – Дедо Медо и крушата, апликации од драмскиот текст, ликовен материјал

Тек на активноста:

Разговарајте со вашето дете за годишното време есен и за овошните плодови кои што ни ги дари есента. Поттикнете го вашето дете да наброи неколку видови на овошје, да ги опише какви се по боја, форма, големина, каков вкус имаат и што е најважно објаснете му зошто треба секојдневно да внесуваме витамини во нашето тело. Одберете неколку видови на овошје што ги имате во вашиот дом и направете заедно една вкусна овошна салата. Предложете му на детето да му прочитате еден интересен драмски текст, во кој што главни ликови се дедо Медо, баба Меца, мечето Мишко и верверичката Цаца.

 

Дедо Медо и крушата

Раскажувач: Посадил дедо Медо круша. Крушата растела, растела и пораснала многу голема. Во есен на гранките натежнале зрели круши. Дошол дедо Медо да ја искорне крушата. Корнел, корнел но, крушата не се ни помрднувала. Дедо Медо на помош ја викнал баба Меца.

Дедо Медо: Баба Мецано, баба Мецано, дојди да ја искорнеме крушата.

Баба Меца: Еве доаѓам дедо, доаѓам веднаш!

Раскажувач: Дошла баба Меца и се фатила за дедо Медо, а тој за крушата. Наваму, натаму, крушата не се корне. Баба Меца го викнала на помош внукот Мишко.

Баба Меца: Меченце Мишко, дојди да ни помогнеш да ја искорнеме крушата.

Мечето Мишко: Еве доаѓам бабо! Доаѓам!

Раскажувач: Така се нафатиле Мишко за баба Меца, баба Меца за дедо Медо, а тој за крушата. Натаму, наваму, крушата не се корне. Мечето Мишко ја викнало верверичката Цаца.

Мечето Мишко: Верверичке Цацо! Верверичке Цацо, дојди да ни помогнеш да ја искорнеме крушата.

Верверичката Цаца: Па што правите вие овде?

Мечето Мишко: Дедо ми посади круша. Таа порасна голема, преголема. Оваа есен ни роди зрели круши. Дојдовме да ја искорнеме и да ги обереме крушите. Сите корневме заедно, но крушата не се искорнува. Те повикавме да ни помогнеш.

Верверицата Цаца: Навистина вие мечките сте незнајковци. Зошто да ја искорнете крушата, кога можете да ги одберете зрелите круши, а дрвото круша ќе си остане да живее и понатаму. Идната година ќе ви роди уште повеќе и поубави круши.

Дедо Медо: Па ние не сме го знаеле ова. Ние гледаме дека секоја есен дедото ја корне големата репа, а дедо Зајко го корне големиот морков. Те молам верверичке Цацо да ги обереме зрелите круши, а ние ќе ти помогнеме да собереш многу ореви, лешници, желади, печурки за зима.

Верверичката Цаца: Јас и Мишко ќе се качиме горе и ќе ги береме зрелите круши, а вие ќе ги собирате и редите во кошница. Потоа сите заедно ќе ги однесеме дома во пештерата.

Раскажувач: Така сите заедно ги обраа зрелите круши без да ја корнат крушата. Потоа мечките и помогнаа на верверичката Цаца да собере желади, ореви, лешници, печурки за во зима.

Потоа покажете му ја сликата, односно апликацијата од драмскиот текст и поведете разговор со детето за содржината  и охрабрете го да го прераскаже. Поттикнете го вашето дете да раскажува со куси, целосни реченици со правилно изговарање на зборовите и јасна дикција. Обидете се да му поставите неколку прашања, а детето правилно да ви одговори. На пример: Именувај ги ликовите кои учествуваат во драмскиот текст? Што се обиделе да направат Дедо Медо и Баба Меца? Каков совет им дала верверичката Цаца? Каква поука извлече од драмскиот текст?

Потоа на крајот од активноста може да му предложите на детето да се обиде да го илустрира драмскиот текст. Поставете бел лист хартија и дрвени боички. Секако творбата изложете ја во неговата соба и пофалете го вашето дете!

Пријатна работа!

Подготвил: Воспитувач – Маријана Поповска