News

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: (4-6г.) “Ајде да откриваме вкусови и мириси”- Откривачка игра

Цели на активноста:

  • да се поддржува детето во настојувањето да изведува посложена задача ако покаже интерес за тоа.
  • да се поттикнува кај детето иницијативност при избор на материјалите за учечките и истражувачките активности.
  • развој на способност за користење на  истражување и набљудување за учење и откривање.
  • поттикнување способност за користење на математичките поими и операции во опкружувањето.

Потребен материјал: најразлични прехранбени продукти и течности (бонбони, чоколадо, лимон, портокал, оцет, маслинки, пица, кока-кола…), марама, различни средства за хигиена и зачини…

Тек на активноста:

Децата уживаат кога учиме за 5 те сетила, а игрите со вкусови  им се омилени, посебно поради тоа што овие игри и активности се сензорни. На овој начин, децата пробуваат нови видови вкусови и производи, но и ги разликуваат вкусовите еден од друг.

Наместо вистинска храна и производи, во оваа активност ќе пробаме да ги употребиме бонбоните во боја, односно гумени бонбони, кои се многу поинтензивни и различни по вкус.

Во оваа активност, фокусот го ставаме на носот и устата  (задржувајќи се на јазикот и забите).

УСТАТА – во која започнува варењето на храната, со помош на забите, јазикот и плунката. Зборувате и објаснувате за што точно ни служи јазикот,  а за што забите ( џвакање, зборување, голтање, пеење…)

-Ајде, пробај ти дете и обиди се да проговориш нешто без да го движиш јазикот? Тешко е, така? Нека те потсетат твоите родители за времето кога ти беше бебе и целиот свет го истражуваше со устата и јазикот, така што скоро се ставаше во устата! Исто така јазикот ти служи и за да откриеш каков вкус имаат нештата кои влегуваат во твојата уста.

Сега, се враќаме на бонбоните и ги класифицираме по боја во посебни садови. Поентата е детето и родителот да јадат во исто време од иста боја и вкус на бонбони. Потоа, секој на свој начин со свои зборови да раскаже за вкусот од бонбоната што го почувствувал во устата.

Прашајте го Вашето дете, со кое сетило можеме да ја помирисаме омилената храна, а воедно и да распознаеме илјада различни мириси? Токму така! Одговорот е НОСОТ! Понудете му на Вашето дете различни козметички средства, зачини и храна која во моментот ја имате и мотивирајте го заеднички да ги детектирате, препознавате, именувате мирисите. За да биде поинтересно откривањето, спроведете ја оваа постапка со покриени очи (со марама). Со носот можеме да помирисаме и опасност, а тоа се случува кога мама случајно ќе заборави некоја храна на шпорет или во рерна и истата ќе стане парче јаглен.

Прашајте го Вашето дете, што се случува кога носот му е многу затнат и е настинато? – Не може да ги почувствува мирисите, ниту пак да дише низ носот. За среќа, во тој случај можеме да дишиме низ устата.

Доаѓаме до заклучок дека устата и носот си помагаат меѓусебно – се надополнуваат.

Have fun!

Подготвил: Воспитувач –  Емилија Савовска