News

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: Од каде доаѓа дождот Говорно-истражувачка игра

Цели на активноста:

-Да се поддржува детето во настојувањето да изведува посложена задача ако покаже интерес
-Да се поттикнува кон поставување прашања за настани во моментот на набљудување
-Да се поттикнува упорноста на детето, да стекнува нови искуства низ активности на истражување
-Да се поттикне самостојноста кај детето, при изведување на едноставни истражувачки активности, при набљудување и откривање

Потребен материјал: стаклена тегла, хартиена чинија, коцки лед, врела вода, неколку мали чашки за вода, прехрамбени бои, голема чаша, мало лажиче или шприц, пена за бричење и вода.

Тек на активноста:

Есента е годишно време каде што дождот е најзастапен, односно првата асоцијација што ни доаѓа кога ќе се спомне есента, покрај жолтите лисја, е дождот. Секое дете му се радува и го сака дождот. Игрите на дожд за децата се многу забавни, особено шлапкањето во вирчињата, кои се прават на улиците, тревниците после секој дожд. Сигурно вашите дечиња ви го поставиле прашањето – Од каде доаѓа дождот? Колку и да се трудите на вашите малечки дечиња со зборови да им го објаснувате процесот на настанување на дождот, сигурно нема да ве разберат сеуште, но можеби ќе им стане барем малку појасно, доколку тоа им се објасни на практичен начин. Ќе ви предложам два интересни експерименти, преку кои што ќе можете да го доловите процесот на настанување на дождот.

Експеримент бр.1

За да го реализирате овој експеримент потребни ви се стаклена тегла, хартиена чинија, коцки лед и врела вода. Наполенете ја теглата 2/3 со врела вода и предупредете го вашето дете да внимава да не ја допре теглата, затоа што е премногу топла. Потоа поклопете ја теглата со хартиената чинија и почекајте неколку минути. Откако ќе поминат неколку минути, дозволете му на детето вниматело да ги стави коцките мраз во чинијата, и заедно чекајте да се направи дожд. Чинијата на некој начин го заробува топлиот воздух во теглата и кога ќе се стават коцките лед во чинијата, ладната температура од ледот, предизвикува влага во теглата која се кондензира и се создаваат водени капки. Истото се случува и во природата.

Експеримент бр.2

Детето може самостојно да го направи овој експеримент, па бидете подготвени за многу игра и малку неред. За овој експеримент ќе ви биде потребно: пена за бричење, неколку мали чашки за вода, прехрамбена боја, една поголема чаша, вода и лажичка или шприц.

Дозволете му на детето да ги наполни малите чашки со вода и во секоја од нив да раствори прехрамбени бои. Потоа големата чашка нека ја наполни со вода, но не целосно, околу 2/3. Следува најзабавниот дел. Дополнете ја големата чаша со пена за бричење, а потоа внимателно со помош на мала лажичка или шприц, заедно ставајте од бојата преку пената за бричење. Претворете го овој експеримент во забавна лекција и објаснете му на детето дека водата во чашата е воздух, пената за бричење е облакот и кога тој ќе се засити од водата која испарува од дното (во нашиот случај бојата која ја додаваме директно врз пената за бричење), тогаш започнува да паѓа дожд.

Ви посакувам многу игра и забава, при реализација на овие два интересни експерименти.

Подготвила: Маријана Гиразова