News

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активност: КУЌАТА НА МОЗОКОТ – поставување на основи за емоционална интелигенција

Цели на активноста:

– да се запознае со функцијата на мозокот во делот на создавањето на емоциите;
– да се воведува во емоционалната интелигенција, препознавње на емоциите, користење на емоционален речник;
– да се развива свесноста за промените во телото како последица на одредени емоции;
– да се поттикне да научи функционалени начини како да управува со интензивните емоции;

Потребни ресурси: серија слики за Куќата на мозокот (прилог во ПДФ формат), кутии за чевли, куќа за кукли, пластични киндер јајца, плутани тапи, камчиња, темперни бои, листови од блок, фломастери…

Тек на активноста:

Првиот чекор кон стекнување на вештини за донесување на одлуки кај детето е можен тогаш, кога тоа ќе разберe што се случува во неговиот мозок. Знаењето како функционира мозокот, може да биде многу важно и за родителите. Само тогаш можеме да разбереме како да ги задоволиме потребите на детето и да му овозможиме помош кога му е потребна. Понекогаш нашите мозоци може да се преоптеретени со силни емоции, страв, тага или бес. Тоа е навистина збунувачко, особено за децата. Токму затоа, особено е важно детето да се запознаe со она што се случува во неговиот мозок. За детето е корисно и да поседува соодветен речник, за да можe своите  емотивни искуства полесно да ги искажe, а ние возрасните подобро да го разбереме. Усвојувањето на „емоционалниот јазик “ е исто како и кога се усвојува секој друг – ако семејството го користи тој јазик, детето многу лесно ќе го научи и ќе комуницира преку него.

Серијата слики за „Куќата на мозокот“ ќе ви овозможи на еден забавен, но и едноставен начин да го задржите вниманието на вашето дете и истовременo да научите многу за мозокот.

– Воведување во куќата на мозокот

Започнете разговор со вашето дете, додека ја набљудувате сликата. Кажете му дека неговиот мозок е како куќа која има два ката. Со ваква аналoгија отидете и понатаму и запознајте го со ликовите кои  живеат во неа. На горниот кат семејството на Мислителите, а долу Чувствувачите. Жителитe на горниот кат се: решавачот на проблеми Решко, СмИрена, Креативко и прилагодливата Олива. Тие размислуваат, решаваат проблеми, создаваат креативни идеи и се емпатични. Станарите на долниот дел се фокусирани на тоа да се чувстуваме безбедни. Овие ликови внимаваат на опасности и нашиот инстинкт за опасност потекнува од таму. Во долниот дел се ликовите: Ѕвонко, УплаШенка, нервозниот Нено и контролорката Кате. Насочете го вниманието на вашето дете кон скалите. Поттикнете го на размислување…..Како живеат овие две семејства? На крајот заеднички заклучете дека кога мозокот е во стабилна, безбедна и смирена позиција, двата негови дела функционираат синхронизрано, а членовите на семејствата контактираат непречено.

– Поместување на капакот

Разгледајте ја заедно втората слика. Оставете го детето да ја открие разликата од предходно. Што се случило со куќата? Што направил Ѕвонко? Каде се Мислителите? Насочете го вниманието кон изразот на лицата на ликовите. Објаснете му на вашето дете, како Чувствувачите се организирале и го подигнале капакот на куќата на мозокот.

– Понекогаш подигањето на капакот е најбезбедна работа

Додека ја набљудувате оваа слика, на почетокот фокусирајте се на контролорката Кате. Таа притиска копче и телото се подготвува за одбрана. Мислителите и понатаму не функционираат. Поразговарајте за некои ваши искуства, кога сте биле во ситуација на стрес. Како сте реагирале? Поттикнете го детето да замисли, како тоа би реагирало во измислена ситуација. Што би направил долниот мозок, ако во дворот сретне диносаурус? Контролорката Кате го притиска копчето за да го чува нешето тело на сигурно.

– Кога не можеш свесно да размислуваш

Додека ја разгледувате оваа слика, поразговарајте за ликовите од горниот кат, Мислителите. Додека жителите на долниот кат се активни и го подготвуваат нашето тело за избегнување на опасност, Мислителите не функционираат. Тогаш ние не размислуваме, бидејќи сме преплавени од силни емоции. Споделете некои ваши доживувања, кога сте биле во стресна состојба. Изберете примери кои не се премногу стресни и кои нема да го вознемират детето и во тој момент да го преврти капакот. Еве еден пример кој би можеле да го искоритите:

„Се сеќавам кога бев мала и кога мама го изгуби клучот од автомобилот. Доцневме за на училиште. Таа беше во паника, а јас постојано гледав во исто место, одново и одново. Тоа е затоа што целата работа ја превзеде долниот мозок, го подигна мојот капак и горниот, размислувачкиот дел од мојот мозокот не работеше правилно.“

– На секому му се поместува капакот, дури и на возрасните

Сите ние ги превртуваме нашите капаци, децата повеќе од возрасните. Во мозокот на децата, нервозниот Нено може лесно да се возбуди и контролорката Кате да го притисне копчето и за мали, безначајни работи, поради тоа што горниот дел од мозок на децата сеуште се гради. Всушност, таа изградба нема да биде завршена се до средината на дваесеттите години. За да ја истакнете оваа поента, прашајте го детето дали некогаш видело како неговите родители легнале на подот од супермаркетот зошто не добиле чоколадо. Вашето дете сигурно ќе се насмее на ова и супер, тоа е добро зошто сеуште е ангажирано и спремно да учи. Објаснете му дека и вие, родителите, иако сте возрасни, сакате чоколадо исто како децата, но возрасните практикуваат СмИрена и решавачот на проблеми Решко, да работат заедно со големиот шеф Ѕвонко и да го спречат да го вклучи алармот за опасност, кога за тоа нема потреба. За тоа треба вежбање и потсетете го детето дека неговиот мозок сеуште расте и учи од искуствата.

– Промени во телото

Поразговарајте со детето за промените во телото, кои се јавуваат со интензивните емоции. Споделете искуства. Поентирајте со тоа дека воочувањето на  промените во телото, може да ни помогне да го спречиме  подигањето на капакот и појавата на стресна состојба.

– Ако си блиску до поместувањето на капакот, добро би било да….

Предложете му на детето неколку стратегии и техники кои можат да му помогнат и да спречат подигање на капакот во мозокот. Направете неколку вежби за длабоко дишење. Понудете му ја вашата поддршка. Направете да ја почувствува вашата посветеност и доверба секогаш кога за тоа ќе има потреба.

Како да продолжите?

Не очекувајте дека лесно и одеднаш ќе се здружите со ликовите од куќата на мозокот. Ќе биде потребно повеќе време, секојдневно повторување, запознавање на секој лик поединечно. Ви предлагам неколку креативни начини за истражување на куќата на мозокот:

– нацртајте ја куќата на мозокот и сите ликови;

– нацртајте како изгледа куќата, кога е превртен капакот;

– измислете приказна за авантурите на ликовите од куќата на мозокот

– користете куќа за кукли или направете си од кутии за чевли. Направете ги ликовите од пластични киндер јајца, од плутани тапи или пак од камчиња.

Откако ќе ги добиете сите ликови од приказната, најдете заднички јазик кој ќе го користите секојдневно и така ќе му помогнете на вашето дете да научи како да ги регулира своите емоции. На пример: „Изгледа дека Ѕвонко се подготвува да го вклучи алармот, но како би било да ја слушнеш СмИрена која ти вели да направиш неколку длабоки дишења.“

Користењето на јазикот на куќата на мозокот, ќе му овозможи на детето слободно да разговара за своите грешки. На детето му е полесно да каже дека денес Ѕвонко го превртел капакот во неговот мозок, отколку дека тоа удрило некое другарче.  Кога децата се чувствуваат слободни да разговараат за своите грешки со вас, тогаш всушност се придружуваат на горниот мозок, да размислуваат за своите постапки и проблемите заедно да ги решите.

PDF

Подготвил: Воспитувач – Снежана Гуцуљ