News

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: ,,Делови на мозокот и како работи“- Разговор по енциклопедија

Цели на активноста:

-Запознавање со работата на мозокот и неговата функција во човековото тело;

-Збогатување на детскиот речник со нови зборови и објаснување на непознатите зборови во текот на реализирањето;

-Поддржување на детето кога пројавува иницијатива и интерес за стекнување на нови знаења;

-Поддржување на детето во процесот на учење и откривање;

Потребен материјал: енциклопедија ,,Човечкото тело“, ореви, тенџере, макарони….

Тек на активноста:

Детето од мали нозе треба да се запознае со функционирањето на човечкото тело во целина или одделно со органите и со нивната функција. МОЗОКОТ е најинтересниот дел од нашето тело. Неговата моќ е неограничена. Детскиот мозок се развива брзо во текот на првите 5 години, а особено во првите игри. За развојот на мозокот е потребна стимулација -искуство со кое детето се среќава. А тие стимулации се звуци, слики, допир и движење соодветни на возраста, а понатаму и говорот, решавање проблеми и физичка активност.

Но за да ја реализирате оваа тема и што поблиску да им ја доближите на децата, треба да ја имате било која сликовница за Човечкото тело. (ако има можност купете). Преку прекрасните илустрации за Мозокот – запознајте го вашето дете со овој орган – неговите делови и функција.

Еве како на уште полесен  и едноставен начин, може да сторите за детето да разбере приближно како изгледа мозокот. Земете орев и извадете ја јатката. Она што ќе го добиете, ќе биде многу слично на мозокот. Во продолжение може да го запознаете вашето дете со деловите на мозокот и нивната функција. Како што јатката од оревот е поделена на два дела, така и мозокот е поделен на лева и десна хемисфера. Негови делови се:

-Големиот мозок кој контролира се – движењата, говорот, меморијата, чувствата и сетилата

-Малиот мозок, кој ја одржува рамнотежата

-Рбетниот мозок кој ги контролира функциите на дишењето и срцето

-Хипоталамусот кој не информира кога сме жедни, гладни или кога ни се спие

-Невроните чија задача е да ги забележуваат и пренесуваат информациите од целото тело.

Мозокот е способен да собира информации и да пренесува наредби. Тој е лоциран во черепната кутија и неговата тежина е околу 1 килограм. Постојат 7 начини, со помош на кој можете да бидете сигурни дека му помагате на своето дете во развојот на мозокот, а тоа се:

  1. Верувајте им на своите инстинкти
  2. Гушкајте го своето дете и бидете му близу
  3. Пејте
  4. Движење и игра
  5. Учење на странски јазици
  6. Пофалете ги своите деца
  7. Вклучете го детето во секојдневните активности. За вечера направете еден експеримент.  Сварете макарони и ставете ги во чинија. Чинијата ќе биде главата, а макароните мозокот. Побарајте  од детето да ги допре, за да почуствува колку тие се меки истакнувајки дека и мозокот е исто така мек како и макароните. (Исхраната во периодот на детството влијае на развојот на мозокот и здравјето).

На крај прочитајте му на вашето дете приказна за добра ноќ, која не е добра само за да заспие побрзо, туку на овој начин истовремено ќе го поттикне и развојот на неговиот мозок.

Подготвил: Воспитувач – Теодора С. Петковска