News

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: Запознавање со дувачките инструменти Труба и Кларинет

Цели на активноста:

-да се поттикнат знаењата и способностите за распознавање на одредени музички инструменти
-да се развијат способности за активно слушање на музиката
-да се развива музичка меморија
-да се поттикне способност за препознавање и слушање на музика од различни инструменти

Тек на активноста:

Предходната недела се запознавме со музичките инструменти – флејта и саксофон, а сега одблиску ќе се запознаеме со -труба и кларинет.

=Труба=

Труба е еден од најстарите инструменти кој дава најмногу тонови. Спаѓа во групата на лимени дувачки инструменти, бидејќи името го добила по материјалот од која е направена. За нејзината изработка претежно се користи жолт тенок месинган лим или во поново време метална легура, која се вика “Ново сребро”. Трубата има усник, кој служи за дување воздух во цевката, три вентили со горни цевки и проширен завршеток на инструментот.

Сите лимени дувачки инструменти имаат свиткани цевки, бидејќи нивната должина би правела проблем на свирачот. Посакуваната висина и боја на тонот, трубачот ја постигнува со користење на вентилите.

За дување воздух во трубата, трубачот дава голем физичи напор, така што тој мора да биде физички јак, да има здрави бели дробови и здрави заби, бидеќи усникот се наслонува на устата, а устата на забите. Може да се свири во седечка и стоечка позиција.

Трубата има продорен и светол тон. Често се користи во свечени прилики и тоа во оркестар, но исто така се користи и во џез музиката.

=Кларинет=

Кларинетот спаѓа во групата на дрвени дувачки инструменти, со јазиче од трска. Почетниот дел му е во облик на клун, на чија рамна страна преку влезниот отвор на цевката, притиска јазичето на долниот крај – зацврстено со метален обрач со завртка.

Цевката на кларинетот има четири дела, кои се вовлекуваат еден во друг, а завршниот дел е во вид на инка. На цевката се наоѓаат голем број отвори, од кои еден дел се покриваат со врвовите на прстите, а другите со затворачи, кои ги има самиот инструмент и кои со самото притискање со прстите се затвараат.

Кларинетот спаѓа меѓу највиртуозните инструменти, според леснотијата со која можат да се изведуваат крајно брзи и сложени тонски движења. Тонот на кларинетот е богат и е погоден за многу различни музички карактери. Посебна одлика на кларинетот е широкиот опсег на гласност – од скоро одвај чуен звук до многу продорен, посебно во високите тонови.

Меѓу дувачките инструменти кларинетот е најразновиден, па и во оркестрите често му се доделуваат истакнати улоги. Представува водечки инструмент во дувачките оркестри, а посебно значајна улога има во џез музиката.

Во продолжение слушајте ги звуците на највиртуозните  инструменти –  кларинетот и трубата.

 

Подготвил: Музички педагог – Златица Кратовалиев