News

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: Есенско килимче – печатeње со сунѓер – Ликовна игра

Цели на активноста:

-Да се поддржува индивидуалниот пристап кон откривање на нови работи;
-Да се поттикне интерес кон истражување, манипулирање и користење на различни ликовни средства и материјали;
-Развивање на фината моторика на дланката, прстите и координација око – рака.

Потребен материјал: лист од блок, темперни бои, четка за сликање, плитки пластични чинии, сунѓерчиња во различни форми и големини (готови модели или направете сами, а може и обичен сунѓер).

Тек на активноста:

Секое дете сака да се дружи со шарените боички во сите облици: водени, темперни, дрвени, восочни. Но, како после извесен период боењето се уште да му биде интересно?

Како родители неопходно е да “излезете од линиите” и да му пренесете некое ново знаење и техника со која ќе го заинтересирате уште повеќе вашето дете.

Пред да почнете да создавате ремек дела потребна ви е инспирација, а таа ќе ја најдете во природата.

Излезете на прошетка во блискиот парк или на падините на Водно, а таму ќе можете да се восхитувате на златниот килим на есента, проткаен со волшебни бои и раскош. Додека шетате, вниманието на детето насочете го на забележување на промените во природата во есен:

Какви се дрвјата? Што се случува со лисјата, тревата, цвеќињата? Во кои бои се обоени лисјата? Зошто паѓаат лисјата? Каде е сонцето? Какви се облаците?

Поиграјте си со паднатите листенца, дозволете да ги допре, да земе и да ги тутка со дланките, трчајте, играјте брканица. Можете да соберете есенски листенца за дома.

Кога ќе се вратите од прошетката дома, измијте ги рацете и подгответе се за печатење со сунѓер. Во плитки пластични чинивчиња, заедно со вашето дете растворете темперни бои, во боите на есенските лисја, мешајте со четка за сликање за да добиете повеќе нијанси на жолта, кафена, црвена, зелена боја. Потоа охрабрете го детето да го земе сунѓерчето во рака, да го натопи во боја и нека печати по белиот лист. Истата постапка повторете ја со сите бои кои сте ги подготвиле се дури детето има интерес за активноста. Кога ќе завршите со печатењето, заедно со детето измијте го приборот со кој сте работеле и рацете. Пофалете го детето за вложениот труд и прекрасното есенско килимче, а потоа ставете го на место за кое ќе се договорите заедно.

Ваквите игри практикувајте ги почесто, бидејќи тие овозможуваат создавање на услови за развој на креативна личност, но и јакнење на самодовербата и сигурноста во ликовното изразување.

Ослободете ја детската креативност, фантазија и создавајте уметност.

Подготвил: Воспитувач – Мира Георгиевска