News

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: ,,Во есен има и зеленчук,, – Говорно –манипулативна игра

Цели на активноста:

-Стекнување на сознанија за зеленчукот во есен
-Оспособување за именување, препознавање и опишување на зеленчукот во есен по боја, форма и големина
-Поттикнување на детската иницијативност и спонтано истражувачко однесување
-Поттикнување на детската активност, интерактивност и креативност

Потребен материјал: слики и апликации од есенски зеленчук, свеж зеленчук, стапчиња за ражнич, чепкалки за заби

Тек на активноста:

Започнете разговор за годишното време есен, и за убавините кои ги има ова годишно време. Разговарајте за промените кои настануваат во природата. Поттикнете го детето само да размислува – што се се случува околу нас во есен (листовите на дрвјата пожолтуваат и паѓаат на земјата, времето е постудено, почесто врне итн). Разговарајте за овошјето и зеленчукот кои го има во ова убаво годишно време. Насочете го вниманието кон зеленчукот, зборувајќи за ползата која ја имаме за нашето здравје, доколку редовно го конзумираме. Покажете му слики и апликации кој зеленчук зрее во есен и со ваша помош именувајте го.

Потоа појдете во кујната, каде што на детето ќе му покажете свеж зеленчук. Дозволете му да го допре, помириса. Побарајте од него само да го именува и опишува по боја и големина. Поттикнувајте го и охрабрувајте го детето да размислува кој зеленчук како го јадеме – свеж, во салати, а кој го ставаме во манџичка. Потоа можете  убаво да го измиете и  да го пробате, за детето да може да го почувствува и неговиот вкус.

За да му биде забавно на детето, можете да го оживеете зеленчукот на тој начин што ќе направите разни форми од него. Исецкајте го морковчето, краставичката, карфиолот и останатиот зеленчук. Со помош на стапчиња за ражнич и чепкалки за заби, прикачувајќи го исецканиот зеленчук еден на друг – можете да направите вовче, овца, пингвин, како што е прикажано на сликите. Охрабрете го детето да ја изразува својата креативност, па со ваша помош нека изработи некоја форма, животно по своја желба и идеа.

Подготвила: Маријана Гиразова