News

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста:”Попладневен разговор”- Драмски текст

Цели на активноста:

-Поттикнување на творечки способности во говорното и драмското творештво
-Да се оспособува детето за слушање и разбирање на текстови и приказни презентирани од возрасен
-Стекнување на сознанијата за значењето на конзумирањето на здрава храна
-Да се поттикнува на вербална и невербална комуникација

Потребен материјал: Прирачник ”Секој има право да се храни здраво”, колаж хартија, шпатули, ножички, лепак, фломастери

Тек на активноста:

За оваа активност предходно треба да набавите зеленчукови плодови. На масата приложете го купениот зеленчук. Започнете разговор со вашето дете и поттикнете го со прашања да именува, опишува и открива за кој зеленчук станува збор. Неговите карактеристики, изглед (боја, форма, големина), како и витамините кои што ги содржат и нивната важност зошто треба да ги консумираме и колку се значајни за нашето здравје.

По приложената слика, разговарајте и за местото каде се сади и одгледува зеленчукот (зеленчукова градина), а за да даде плод, на секое растение му се потребни – вода, воздух, сонце и грижа од човекот.

Во продолжение прочитајте им го драмскиот текст, во кој се зборува за доматот и пиперката. Насочете го детето, од зеленчукот кој се наоѓа на масата да ги издвои доматот и пиперката. Откако ќе завршите со читањето, со кратки прашања и одговори обработете ја содржината, со цел полесно да ја разберат. Во прилог следува текстот.

Попладневен разговор

Мајката зготви ручек, а во кошницата за зеленчук останаа само една пиперка и еден домат. Попладнето, кога сите од куќата излегоа во дворот, пиперката започна разговор:

-Кажи ми, пријателе, зошто си толку црвен во лицето? Болен ли си или се срамиш од својот изглед?

-Јас болен?! Зар не знаеш дека сум црвен затоа што сум зрел за јадење? Ако бев зелен, се уште ќе бев во градината. А вака, домаќинката од мене ќе направи салата или ќе ме зготви…

-Чудно – рече пиперката. А мене ме скинаа уште зелена. А кога ќе поцрвенам, од мене прават ајвар и туршија. А вака додека сум млада и зелена, ме готват во разни јадења или ме дробат во салата…

И навистина, утредента и пиперката и доматот се најдоа зготвени во здрава и вкусна манџа.

Потоа предложете му на детето, да играте драмска игра во која Вие и детето, да бидете во улога на доматот и пиперката. За тоа ќе ви бидат потребни: колаж хартија – црвена и зелена боја, шпатула, ножички, лепак, фломастери. Од колажот исечете форма на домат и пиперка, исечете ги ,залепете ги на шпатула и со фломастери нацртајте им ликови. Потоа по содржината на драмскиот текст, играјте ги улогите на доматот и пиперката. Доколку има интерес кај детето, можете да си ги смените улогите.

Подготвил: Воспитувач – Билјана Андоновска