News

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: „Есенска вежбална на среќата“ – вежби за истегнување и фокусирање

Цели на активноста:

– да се поттикне свесноста за себе и сопственото тело, преку вежби за истегнување и фокусирање
– да се збогатува емотивниот свет, преку доживување на сопствените емоции и перцептивни сензации;
– да се навикнува на присутност во моментот и во просторот;

Потребни ресурси: слики во прилог, ЦД- плеер, лап-топ

Тек на активноста:

Годишното време есен го доживуваме како премин од лето кон зима и затоа кај нас буди многу емоции. И покрај тоа не можеме, а да не уживаме во природните убавини околу нас. Како што полека октомври си заминува, така лисјата на дрвјате ćе повеќе се обојуваат со најралични нијанси на златно-жолтата боја. Времето станува се постудено, денот се пократок, но  сеуште има по некој сончев ден на кој му се радуваме. Ако во овој период имаме таков ден, предлагам да го искористите за вежбање со вашето дете во природа, а ако пак не, вежбајте дома.

  1. Денот станува се пократок – поза на полумесечина

Застанете исправено, подигнете ги рацете горе над главата, составете ги дланките и нежно навалете се на една страна. Повторете го истото и на другата страна.

  1. Лисјата на дрвјата ја менуваат бојата – поза на дрво

Застанете на една нога, свиткајте ја другата во колено и поставете го стапалото на внатрешноста од бутината. Балансирајте со рамнотежата.

  1. Птиците летаат кон југ – поза на воин

Застанете на една нога, свиткајте го телото нанапред и испружете ја другата нога позади. Раширете ги рацете и мавтајте со нив како да се крилја.

  1. Земјоделците ги подготвуваат нивите за зима – поза на столче

Застанете стабилно на двете нозе кои се поставени во ширина на колковите. Свиткајте ги колената и замислете дека возите трактор.

  1. Мечките се подготвуваат за зимскиот сон – поза на куче

Застанете со подраширени нозе, свиткајте го телото нанапред и допрете со дланките на подот, колената нека бидат исправени. Чекорете како мечка.

  1. Ежот се подговува за зимски сон – поза на бебе

Седнете над потпетиците, спуштете го телото нанапред и допрете со челото на подот за да се одморите. Рацете се поставени наназат, покрај телото. Направете неколку длабоки дишења.

  1. Пеперутките летаат кон топлите краишта – поза на пеперутка

Седнете на подот со исправен р’бет. Свиткајте ги колената и спојте ги стапалата. Нежно движете ги нозете како крилја на пеперутка.

  1. Листовите се паднати на земјата – поза на одмор

Легнете на грб со раширени и опуштени раце и нозе. Гледајте ја, слушајте ја и помирисајте ја есента. Одморете се и дишете. Подгответе се за фокусирање на умот и визуелизација.

  1. Есенска визуелизација и фокусирање на умот

Додека лежите  на грбот, заедно со вашето дете, направете неколку длабоки дишења. Земете воздух низ носот и испуштете го низ устата. Поттикнете го детето да почувствува како стомачето му се надувува и издувува како балонче. Опуштете се и замислете дека сте највисокото дрво во шумата. Визуелизирајте како вашите нозе се корењата на дрвото, кои се пробиваат длабоко во почвата. Телото ви е стеблото на дрвото. Тоа е многу цврсто, стабилно и здраво. Замислете дека рацете ви се големи гранки кои се раширени и се полни со листови. Листовите се насекаде околу вас, на секој прст, на рамената, главата…

Околу вас е топол, есенски ден. Почувствувајте ги зраците на сонцето, тие го греат секој дел од вашето дрво, го галат секое ливче…Замислете како секој лист е во различна нијанаса на топлата, жолта и портокалова боја. Некои од нив веќе паѓаат кон земјата, надолу кон корењата. Земете длабок здив и на сите мисли од вашата глава дозволете им да паднат, заедно со листовите. Со секој испуштен здив се повеќе листовите паѓаат кон земјата се додека не падне и последното ливче. Гранките се голи и еластични, вашето стебло е јако, корењата се силни. Почувствувајте колку сте вие силни, почувствувајте колку топлината на сонцето ви дава енергија и ве прави да се чувствувате опуштени, мирољубиви и среќни…

Отворете ги очите, размрдајте ги прстите, погледнете наоколу, истегнете ги рацете и нозете и гушнете се силно.

Додека вежбате може да слушате музика за релаксација:

Подготвил: Воспитувач – Снежана Гуцуљ