News

Возрасна група:  3 – 4 години

Наслов на активноста: Воочување и именување на квадратна форма во непосредна околина

Цели на активноста:

-Да умеат децата да ја воочат квадратната форма на некои предмети од непосредната околина;
-Да се развива сетилната перцепција кај детето;
-Да се збогатува речникот со нови математички термини
-Да се развиваат сознајните интереси кај децата и да се поттикнува нивната фантазија
-Да се негува чувството на задоволство и сигурност во активностите;

Потребен материјал: апликации од геометриски форми, предметите од опкружувањето со квадратна форма, хартија за цртање, шаблончиња од квадратчиња (голем и мал), боички…

Тек на активноста:

Во програмата која ние ја реализираме во градинката, една од задачите од областа на предучилишната математика е воведување на елементи од геометријата, меѓу кои и основните геометриски форми: круг, квадрат, триаголник и на крај правоаголникот.

Геометриските форми се еден вид обрасци (модели), што се користат за одредување на формата на предметите.

Во секој дом има многу предмети со различни форми, ( во случајов – квадратна). Во врска со тоа, можете да поведете разговор и од детето да побарате да наведе (да покаже) и да именува предмети во домот со  одредена форма. Децата обично за кружната на почеток велат дека е тркалезна (тркалезна маса), додека пак за квадратната ќе кажат дека е коцкаста маса.

На почетокот, не можеме да инсистираме од детето да бараме веднаш да се служи со терминот квадрат. Битно е да тоа може да ги исперцепира  и другите предмети кои имаат форма на квадрат или ,,квадратната масичка”. Меѓу сликовниците сигурно ќе најдете некоја, а детето ќе ја препознае и издвои, а потоа и ќе ја именува како квадратна сликовница.

-Можеби во бањата, кујната или на балкон, плочките се во форма на квадрат. Истражувајте ги заедно предметите во домот со квадратна форма.

-Направете шаблон од подебел картон на два квадрати, различни по големина. Понудете му на детето хартија за цртање и тоа нека ги исцрта на хартијата. Пофалете го и прашајте го ,,Што нацрта, како го направи тоа?”- бидете трпеливи додека се труди да ви објасни, помогнете во именувањето на квадратите. Потоа прашајте го, по што се разликуваат (по големината). Понудете му боички, нека ги обои по сопствен избор – повторно нека ги именува (голем црвен квадрат и мал жолт квадрат). Така ќе го вежба говорно – терминот квадрат.

-Направете сами работно ливче. На компјутер извадете повеќе геометриски форми на хартија, а потоа поттикнете го да ги обои само квадратчињата.

-Можеби имате домино со геометриските форми. Предложете му да ги издвои квадратните плочки.

-Во кујната, кога месите бисквитно тесто можете да правите квадратни колачиња.

-Кога му давате крекери, исто така може да се препознае и именува крекерот во форма на квадрат.

-Направете тост во форма на квадрат, исечете го и сиренцето и кажете си дека ќе имаме ,,квадратен појадок или вечера”.

-Кога сте надвор, на поплочена улица со плочки во различни форми, играјте си така што ќе се движите по квадратните и на секоја од нив изговорете ,,уште еден квадрат ….и уште еден……

-Кога сте на улица, ќе наидете на некој сообраќаен знак со форма на квадрат. Меѓу другото, поттикнете го детето да ја именува формата.

Учењето секогаш нека биде забавно и низ игра, а јас ги поздравувам таквите игри со кои детето ќе игра и учи од дома.

Подготвил: Воспитувач – Веселка Божиновска