News

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: Слушање музика Есен –  композитор / Вивалди

Цели на активноста:

да се развива кај детето интерес и љубов кон разни видови на музички содржини
-да се развиваат способности кај детето за доживување на силните музички впечатоци
-да се охрабри и поттикне детето, впечатоците од слушаната музика да ги пренесе преку  говор, цртеж…

Тек на активноста:

Воведување на класичната музика во животот на детето, треба да се реализира што е можно порано, со цел да научи да ја цени, сака и слуша. Важна е улогата на сите нас, кои сме во негово опкружување, без разлика на музикалноста на детето, непрекинато да ја претставуваме класичната музика пред него со помош на разновидни активности, кои ќе го стимулираат истата да ја слуша со задоволство.

Активноста започнува со разговор за годишното време – Есен. Како се менува природата во есен? Какви бои имаат листовите? Каде отидоа птиците? Какво е времето во есен?

Откако ќе разговарате со детето, понудетете му лист од блок, водени или темперни боички. Пуштете ја композицијата – Есен, од познатиот композитор Антонио Вивалди. Детето нека ја слика есента, слушајќи ја преубавата музика.

Откако ќе заврши со сликањето, разговарајте со детето за она што е насликано, како ја доживеало музиката. Тука се можни различни размислувања и искажувања на детето.  Детето да се остави само да размисли и да се искаже, а можете и да го поттикнете и охрабрите, поставувајќи му прашања.

Треба секој од нас да знае дека – со своите звуци и вибрации, различните музички содржини го збогатуваат и оплеменуваат емоционалниот живот на детето и внесуваат радост, опуштеност и воодушевување. Преку разновидни музички дејности, ќе влијаеме врз развојот на диспозициите за музика, а во исто време ќе ги развиваме целокупните интереси кај детето.

Подготвил: Музички педагог – Златица Кратовалиев