News

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: Овошјето во есен – Насочен разговор

Цел на активноста:

-Да се поттикнува интересот на детето за откривање нови нешта, во однос на оние кои веќе се познати;
-Да се поддржува љубопитноста и задоволството во истражувањето на нови предмети;
-Да се поддржува самостојноста во одредени активности на детето во согласност со развојните можности;
-Да се поттикнува на вербална и невербална комуникација;
-Да се развива способност за развој на говорот, преку составување на реченици од 2-3 збора.

Потребен материјал: овошни плодови, бел лист, дрвени боички, торбиче.

Тек на активноста:

Поведете разговор со вашето дете за храната што ја јадеме. Објаснете му дека таа треба да биде здрава, полна со витамини, за да му помогне на телото да расте и да се развива, на мозочето да мисли, да се движи и да не се разболува.

По краткиот разговор прочитајте му го на вашето дете расказот “Секој има право да се храни здраво”.

Откако ќе му го прочитате расказот, поведете разговор, односно потикнете го вашето дете на размислување за тоа – кое овошје се спомнува во расказот. Бидејќи возраста е многу мала, очекувајте да каже неколку плодови, но сепак потсетувајте го. Прашајте го детето – Кое овошје му е омилено? Што најмногу сака да јаде? Кое му е највкусно?

Потоа земете бел лист и нацртајте му на детето неколку (1, 2, 3) контури од јаболче, круша, грозје, слива…(по ваш избор). Детето има за задача да го избои нацртаното овошје. Насочете го да размислува: Со која боја ќе го боиме јаболкото, крушата? За да му олесните на вашето дете, поставете дрвени боички пред него и поставете го пред него наведеното овошје нека го разгледа и нека ја најде боичката со иста боја. Кажете му на вашето дете која е таа боја. Повторувајте ги боите на овошјето што се пред него.

За да видите дали детето ги знае овошните плодови, играјте ја играта “Погоди кое овошје сум”. Ставете ги сите овошни плодови во некое торбиче. Извадете едно по едно и покажете му ги на детето. Прашајте го: Кое овошје сум јас? Така ќе ги повторите сите овошни плодови од торбичето.

Играјте ја играта се додека има интерес кај детето.

Подготвил: Воспитувач – Јелена Мирческа