News

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: Преку игра, учам за моето другарче – традиционални игри на децата од светот

Цели на активноста:

-Да се поддржува детето да ги усвојува и почитува правилата на однесување во групата.
-Да се поттикнува да го развива чувството на припадност на групата, семејството
-Да се развива способноста да ги поставува телото и екстремитетите соодветно на намерата
-Да се развива координација и контрола на движењата при одење и трчање
-Да се поддржува збогатувањето на сопственото социјално искуство

Потребен материјал: Слики, линкови од YouTube видеа…

Тек на активноста:

Играта е природна активност за сите мали деца. Играта му дава на детето многу можности да учи и да расте – физички, ментално и општествено. Токму таа – играта, влијае на потикнување на социјалното однесување, јакнење на карактерот, самопочитување и самодоверба, навики за здраво живеење.

Со децата разгледувајте ги приложените слики дадени подолу и разговарајте за нив.

Потоа погледнете ги игрите на децата ширум светот преку следните линкови:

Игра: ЈАН КЕН ПОН – Јапонија

Јан Кен Пон е игра која настанала во Јапонија, иако е позната и во други земји, под името „Хартија, камен, ножички“. Победник е оној кој има подобар знак во раката. Еве го односот на силите на поединечните знаци:

Хартија и камен – хартијата победува, бидејќи го обвива каменот

Ножички и хартија – ножичките победуваат, бидејќи со нив се сече хартијата

Камен и ножички – каменот победува, бидејќи со каменот се кршат ножичките

Како се игра? Играчите стојат еден наспроти друг, со едната рака сокриена зад грб и ги изговараат зборовите: Јан кен пон! По последниот збор, обајцата истовремено покажуваат еден знак со раката – хартија, камен или ножички -на следниот начин: Камен – рака во тупаница; Хартија – испружена рака; Ножички – прстите прекрстени во форма на ножички.

Се игра наизменично со неколку другарчиња. Ако некој победува трипати по ред, станува водач.

Игра: Мали стапчиња – Заир, Африка

Игра: Повторувај по мене (Okul Öncesi Dans) – Турција

Игра: Криенка (Hide and Seek)– Англија

Правила: Личноста што „жмури“ е со затворени очи, честопати потпрена на дрво или на ѕид од зграда и брои гласно до 100 (или помалку – по договор). Останатите мора за тоа време да се скријат некаде во границите на дозволениот простор во кој се одвива играта. Оваа игра се игра и кај нас и е позната како „жмурка“ или криенка.

Во Индија децата ја играат играта Гита. За оваа игра потребно е 5 каменчиња. Сите каменчиња се фрлаат на под. Едно каменче се фрла во воздух, а потоа истовремено се зема едно каменче од подот и се фаќа она кое е фрлено во воздух, пред да падне на подот. Во следниот круг треба да се земат 2 каменчиња и да се фати каменчето од воздухот. Така се игра по ред, се додека не се земат сите каменчиња од подот и она едно од воздухот кое се фрла на секој нов круг. За оваа игра ви е потребна малку жонглерска вештина и многу концентрација. Пробајте да ја играте заедно со децатa.

Во Австралија децата со задоволство ја играат играта – По патеката на песот овчар. Децата се поделени во две екипи и секоја се обидува прва да ги доведе своите овци во трлото. За оваа игра потребни се балони, долга палка од картон и јаже. Балоните се всушност (овците) кои се туркаат со палката (песот овчар). Победник е онаа екипа која прва ќе ги избутка балоните до целта.

Во Соединетите Американски Држави децата ја играат играта –  Следи го водачот. Децата меѓу себе избираат водач, а потоа сите еден зад друг, налик на воз, ги ставаат рацете на рамениците на оној што е пред нив. Водачот тргнува и се обидува на другите да им го отежни одењето, постојано менувајќи го чекорот и патеката по која одат. Истовремено, децата мора да ги прават истите движења што ги прави тој (допира нешто, ја подава раката…)

Во Бразил е позната играта Циранда – Циранда, цирандина, подај рака и заиграј, скокни поваму сега ти, на другата страна ќе скокнам јас!

Децата прават круг, држејќи се за раце. Тие кружат влево скокајќи, кружат десно скокајќи, продолжуваат да одат на десната страна, застануваат и прозиваат некого да влезе во центарот на кругот. Едно по едно ќе бидат повикани, за да влезат во средината на кругот и да отпеат некоја песничка по сопствен избор.

Фатете го змејот за опашката е позната кинеска игра.

За оваа игра потребно е да има што повеќе деца, бидејќи така е повесело. Едно дете е глава на змејот, останатите се редат зад него како воз, а последниот во низата е опашката на змејот. На почетниот сигнал, главата на змејот тргнува да ја брка опашката, со желба да ја фати. Не е лесно, меѓутоа многу е интересно.

Овие интересни игри можете да ги играте со вашите деца и да се забавувате заедно.

Подготвил: Воспитувач – Љубинка Томовска