News

Воспитна група: 4 – 6 год.

Наслов на активноста: ,, Каде сум јас на картата на светот “- Разговор по глобус – Изработка на сликовница ,,Јас на картата на светот“

Цели на активноста:

  • Да се развие позитивен став и однос кон другите луѓе различни по изглед, јазик, култура
  • Поттикнување на размислување, поврзување на информации и заклучување
  • Збогатување на детскиот речник со нови географски поими
  • Проширување на детскиот поглед кон светот
  • Да научат за себе каде припаѓаат во светот и да развијат личен интерес за светот
  • Да се оспособат за класификација, компарација и серијација, според боја, форма, големина, вид и род

Потребен материјал: Глобус, географски атлас, енциклопедија, книга – Со децата околу светот, хартија во боја, ножички, лепак, балон…

Тек на активноста:

Живееме во мултиетничка и мултикултурна средина, во која раното запознавање со различни обичаи и погледи на светот, допринесува за развој на отворен и толерантен дух кај децата. Знаењето за различни култури, претставува чекор кон нивното прифаќање и разбирање за богатството кои тие го носат. Подгответе се со детето за едно замислено патување околу светот со помош на глобус, географска карта –   поттикнувајќи визуелна перцепција, способност и љубопитност за откривање на нови знаења. Разговарајте за боите на глобусот, која боја преовладува, што претставува. Зборувајте за континентите, колку ги има и како се викаат, кој живее во нив, нивниот изглед, форма, на кој континент живееме ние. Се со цел, детето да се запознае со децата од светот, нивниот изглед, култура, игри, исхрана, традиција. За оваа активност пожелно би било да ја користите книгата ,,Со децата околу светот“.

Понудете му го работниот материјал на детето – хартија во боја, на која ќе нацрта кругови со различна големина со помош на чинии со различен дијаметар, а најголемиот круг може да биде и од хартиена чинија. Како круговите стануваат поголеми, нивните цртежи ќе покажуваат поголеми географски области. Круговите назначете ги со следните наслови:

Мојата куќа / Мојата улица / Мојот град / Мојата држава / Мојот континент / Мојата планета Земја

Понудете му на детето да ги нацрта и исече контурите од нашата држава, Европа и планетата Земја, кои вие ќе му  ги испечатите од интернет. И на крај, составете ги круговите. Додека црта разговарајте за вашиот дом, дали живеете во семејна куќа или зграда, да ја научи адресата на која улица живее и бројот на куќата. Разговарајте за градот Скопје и се што е карактеристично за него: реката Вардар, Водно, културните историски спомени, за игрите, кое му е омилено место и сл. како и  за љубовта кон татковината, нејзините симболи – знамето и химната.

Планетата Земја  може да ја изработи со балон, а на него да залепи исечена хартија во зелена и сина боја, кои ќе ги претставува континентите и океаните. Откако ќе ги нацрта сите кругови, нека ги подреди почнувајќи од најмалиот, се до најголемиот круг. Помогнете му да ги поврзе страниците со украсна лента.

Сликовницата – книгата ,,Јас на картата на светот“, нека ја презентира пред вашето семејство. Заедно може да патувате по глобусот и да планирате дестинација за вашиот заеднички годишен  одмор.

Пријатно патување!

Подготвил: Воспитувач – Леонора Танова