News

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: Имам право да се хранам – изработка на постер “Кошница со храна за гладните другарчиња” / Одбележување на Светскиот ден за борба против гладта – 16 ти Октомври

Цели на активноста:

* Стекнување на информации преку набљудување и манипулација;
*Препознавање, именување и опишување на разни видови храна;
* Поттикнување на детето за самостојно и вербално искажување на сопствените мисли и идеи;
* Негување на истрајност во превземените активности.

Потребен материјал: списанија за здрава храна, свежи продукти, слики, апликации од разни видови храна, хамер или парче картон, ножици и лепак.

Тек на активноста:

16 ти Октомври се одбележува во целиот свет како – Светски ден за борба против гладта. Целта е да се истакне важноста на храната, проблемот со недостиг на храна и борбата против гладта, како и фактот дека се уште во светот нема доволно храна за сите.

Во Конвенцијата за правата на децата како приоритетно право е: Децата да имаат здраво и безгрижно детство, да им се обезбеди правилна исхрана при растењето.

За таа цел уште од најрана возраст, треба да ги запознаеме со здравата храна бидејќи – Секој има право да се храни здраво.

Почитувани, најлесен начин да ги запознаете децата со здрава и правилна исхрана е преку игра и разговор.

Започнете со разгледување на списанија за здрава храна и прашања упатени кон вашето дете: Кое е твое омилено јадење? Зошто треба да јадеме? (за да растеме, одиме, трчаме, играме, размислуваме, да не се разболуваме); Како се чувствуваш кога ти се јаде? ( ме боли стомачето, ми се тресат нозете, плачам, не можам да играм…).

Потоа ставете ги пред детето сликичките и апликациите, кои претходно сте ги подготвиле од разновидна храна, дозволете да ги гледа, да ги препознава, именува, опишува, исечете ги и дајте му ги на детето да ги залепи на хамерот, на кој сте нацртале голема кошница.

Откако ќе завршите со активноста, пофалете го детето за вложениот труд, ставете го хамерот каде што ќе се договорите со вашето дете, а потоа како награда можете да направите интересни и вкусни сендвичи од зеленчук, како што е прикажано на сликите.

Подготвил: Воспитувач – Мира Георгиевска