News

Возрасна група:  2 – 4 години

Наслов на активноста: Расказ ,,Другарство’’

Цели на активноста:

  • Да се оспособува детето за слушање и разбирање на приказни и други текстови кои ги чита возрасен
  • Да се поттикнува способност за поставување на прашања
  • Да се развива способност за раскажување со куси целосни реченици
  • Збогатување на активниот речник на детето со нови зборови

Потребни материјали: сликовници, апликации и слики за другарство, дрвени боички, лист од блок…

Тек на активноста:

Понудете му на вашето дете сликовница и разгледувајте ја заедно,  охрабрете го да ви покаже каде се сликите, а каде е напишаниот текст на приказната. Поттикнете го да се занимава, вртејќи ги страниците на сликовницата.
Активноста започнете ја со разговор за тоа, како треба да се однесуваме во градинка и надвор од неа.  Потоа прочитајте го расказот: 

ДРУГАРСТВО

Како брзо огнено коњче, летото брзо си пројде. Тетка Есенка со разни подароци на гости пак ни дојде. И децата веќе се вратија од летните одморалишта. Сите се празнично облечени во нови, есенски алишта.

Дворовите на градинките и училиштата сега се нивни собиралишта!

И Јана првпат денес во градинка ќе почне да оди. Затоа дома ја советуваат за што сметка да води……

Во градинката ќе има и други деца – и вели мама. Треба да внимаваш како се однесуваш, зашто не си сама!

Со сите деца – се замеша татко и – сакам да се дружиш. Да им бидеш добра другарка. За пример да им служиш!

Така е! – го поддржа и дедото.

Другарството е многу важно. Без другарче, секое дете е несреќно и тажно….

Затоа внучке не само во градинката, со другарчето – секогаш треба да се делат играчките и ужинката! Тој што сака во животот и пријатели и другари да има, мора нешто и да дава, а не само да прима!

Не сум мала! – ги пресече Јана. – И јас тоа го знам!

По ова, сите што ја подучуваа, само се погледнаа. Друго ништо не и рекоа. Само главите ги наведнаа….

Откако ќе го прочитате расказот, објаснете ги непознатите зборови и потикнете го детето со помош на кратки и концизни прашања, да го раскаже расказот на пр: Каде ќе почне да оди Јана? Каков совет и дале родителите на Јана? Како треба Јана да се однесува во градинка со своите другарчиња?

Охрабрете го во одговорите и повторете, доколку детето не може да се сети. На крај поттикнете го, со дрвени боички да го нацрта своето другарче.

Подготвила – Наташа Бинова