News

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: Тоа сум јас” – Поим за себе пред огледало -Истражувачка игра

Цели на активноста:

-Создавање и усвојување на позитивна и реална слика за себе
-Јакнење на самодовербата и самопочитувањето
-Споредување и разликување на себеси во однос на другите и себеприфаќање
-Развивање на свест за функциите на своето тело и неговите делови
-Усовршување на фината моторика

Потребен материјал: oгледало, нацртано огледало на хартија, ликовен прибор

Тек на активноста:

Кога ќе кажеме дека детето изградило позитивна слика за себе, тоа значи дека го препознава и почитува своето сопствено име, пол, физички изглед, позиција во семејството, способности, недостатоци, јазик на кој зборува итн.

Надоврзувајќи се на горенаведеното, потребно е детето да се однесе во просторија каде има големо огледало. Пожелно е да се погледне во огледалото и да почне да се опишува себе си, како изгледа. Да се потруди со свои зборови да опише – од кои делови е составено неговото лице, неговото тело, како изгледа (боја на кожа, коса, очи, уста, нос…), неговата облека, што може да прави со рацете и нозете.

Се со една цел, детето да умее да го опишува својот изглед  и да каже што е најубаво кај него, односно да се развие свесност за себе и да се изгради неговата самодоверба.

Доколку детето има братче или сестриче, може и тоа да се гледа во огледало и да се опишува (пол, боја на очи, коса, облека и сл). Поттикнете ги да се погледнат меѓу себе и да одговарат на прашањето со набројување – по што се разликуваат и по што се исти. Истата истражувачка игра може да се направи и со друг член од семејството. На овој начин ќе ја потенцираме важноста, дека сите сме различни и секој од нас е еден и единствен.

На крајот од активноста, предложете му на детето да се нацрта во предходно нацртано огледало на хартија, користејќи ликовен прибор по избор на детето (фломастери, дрвени или восочни боици).

Подготвил: Воспитувач – Билјана Андоновска