News

Возрасна група: 2 – 4 години
Наслов на активноста: Ова е моето тело – Ликовна игра
Цели на активноста:
-Поттикнување на свесноста за себе, сопственото тело и лик
-Развивање на фината мускулатура и координацијата око – рака
-Негување и развивање на интерес за цртање, повлекување линии, поврзување на линиите во конкретни форми
-Поттикнување на самостојноста во користење на цртачкиот материјал
Потребен материјал: Огледало, цртачки материјал, апликации

Тек на активноста:
Застанете со вашето дете пред огледало. Погледнете и поттикнете го да го именува и опишува она што го гледа – сопствениот лик и тело, обрнувајќи внимание на деловите на телото. Направете го набљудувањето и истражувањето интересно, правејќи смешни и невообичаени движења, со цел да го задржите вниманието и фокусот кај детето. Во продолжение, користејќи ликовен материјал по избор, во зависност од желбата и можностите (фломастери, дрвени или восочни боички), нека го цртаат сопственото тело. Поттикнете ги полека, повлекувајќи едноставни линии и форми, да се нацртаат себе си, онака како се доживуваат. Потоа, разгледувајќи го нацртаното, именувајте ги деловите на телото. На крајот, пуштете музика и заедно “размрдајте” и “разиграјте” го вашето тело.
– Како варијанти – продолжение на активноста се:
1.Сложувалки – Облечи го детето, слика бр.1
2.Шаблони со однапред нацртани контури на дете – надополни ги, слика бр.2
3.Тело од геометриски форми, состави – обој, слика бр.3

Подготвил: Воспитувач Билјана Пушкин