News

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: Одбележување на 04.10 Ден за заштита на животните – Говорна игра

Цели на активноста:

-Проширување на детските знаења за домашните и шумските животни, нивните основни карактеристики, живеалишта, ползата од нив, грижата на човекот за животните…
-Поттикнување и негување на чувство на љубов кон животните
-Негување на грижлив однос кон животните
-Поттикнување на самостојноста во ликовното изразување
-Потребен материјал: енциклопедија, сликовница, пластелин, фломастери, бел лист…

Тек на активноста:

Со постепениот цивилизациски развој се повеќе се развива и зајакнува свеста за заштита на животните, кои што се дел од нашиот свет.  Животните имаат само една цел, слободно да живеат.Токму поради тоа треба да ги почитуваме – свесни за нивното право на живот, исто како што и ние луѓето имаме право на живот.  Да не ги повредуваме животните и да укажуваме па дури и да ги спречиме сите оние кои им наштетуваат на животните. Во топлите и жешки денови да се грижиме за бездомните животни, да поставиме садови со вода, но исто така и во студените зимски денови да поставиме садови со топла храна за нив.
4ти Октомври е Светскиот ден на заштита на животните. А традицијата започнала уште многу одамна во Фиренца на конференцијата на еколозите, каде е предупредено за одредени загрозени животни.
Животните ги загрозува човекот. Во светот секој ден исчезнуваат стотици  животински видови. Се убиваат поради храна, нивното крзно, разни експериментирања и истражувања.
Светскиот ден за заштита на животните е можност за секој од нас да направи нешто добро за животните од својата околина, да им даде дом, да ги нахрани, да помогне нивниот живот да биде поубав –  бидејќи и тие токму како и луѓето се дел од заедничката планета.
Започнете го разговорот со детето, погодувајќи гатанки:

Шарена е. Стројна става,
со крената оди глава.
Јаде сено, тврдо, меко
ко фабрика е за млеко.

Прашајте го детето што е тоа?  ( Крава) или

Во голема шума
ѕверка се крие,
а во зима,
во пештера спие?   ( мечка).

Потоа повикајте го детето заедно да разгледате енциклопедија или сликовница, каде ќе ги пронајдете животните од гатанките.
Обрнете посебно внимание на поделбата на животните.
Да, кравата е домашно животно или уште го викаме питомо животно. Именувајте ги и останатите животни, објаснувајки им при тоа дека за нив се грижи човекот. Во продолжение кажете им за нивните живеалишта (фармите, шталите и дворовите). Зошто човекот ги чува, каква корист има од нив?   Што му даваат тие на човекот? – месо, крзно, јајца, пердуви, волна. Истото сторете го и за шумските или дивите животни. При тоа нагласете им дека тие се грижат сами за себе. Нивните живеалишта се: шумите, полињата и ливадите. А од дивите животни кои се дозволени за ловење? Што добива човекот од нив? – крзно, кожа и месо.
Во продолжение со децата може да ја играте играта:,, Кој како се јавува“?
А потоа имитирајќи ја мечката да им ја испеете песничката,,Во гората едно мече“. Истата може да им ја кажете како стихотворба.

Во гората едно мече
ваму – таму оди,
се загуби не знае,
дома кој пат води.
Солзи рони исплашено,
кај си мила мамо,
друг пат веќе без прашање
не ќе одам само.

Во продолжение, дајте му на вашето дете да моделира, нацрта, или да бои по дадена контура – животно по сопствен избор.
На крајот прочитајте му басна по ваш избор.

Подготвил: Воспитувач – Теодора С. Петковска