News

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: Јас можам – видови одење и скокање

Цели на активноста:

  • Совладување на одењето како природен облик на движењето;
  • Координација на движењата на рацете и нозете при одење;
  • Стекнување на умешност и развивање на еластичност;
  • Правилно владеење со тежината на целото тело;
  • Стекнување на осет за ориентација во просторот;
  • Челичење на волјата и стекнување храброст и сигурност.

Потребен материјал: Сликовница „Црвенкапа“

Тек на активноста:

Во рамките на Неделата на детето и неговите права, овозможете му на своето дете да се запознае со истите, а истовремено да се открие себе си и да си ги истражува своите способности и умеења.
Покажете му колку го сакате, пофалете го колку многу пораснал и поттикнете го да покаже што може да прави.
Раскажете му ја приказната „Црвенкапа“ и предложете му заедно да играте верзија на оваа приказна, каде акцент ќе ставите на движењата – одење и скокање додека „патувате низ шумата за да стигнете кај баба“.
Играта може да ја играте надвор (во природа) или дома.
Заедно тргнувате по „патека“ и се движите право, нормално, со чекорење. По неколку чекори, го забрзувате одот (брзо одење) за да стигнете побрзо. Одејќи, ве пресретнува „мало поточе“, го скокате на напред, и продолжувате со умерено одење. Наеднаш, се појавува „волкот“ и се движи кон вас, а вие исплашени се враќате назад (одење наназад). Одејќи така, „волкот“ паѓа во „јама“, вие прескокнувајќи ја „јамата“, продолжувате напред. Се движите умерено и наидувате на „семејство ежиња кои спијат покрај патот“. Го забавувате одењето (бавно одење) за да не ги „разбудите“. Ги поминувате „ежињата“ и продолжувате со умерено одење. По патот има расфрлано големи „камења“ и треба да ги заобиколите движејќи се цик – цак. Откако ќе ги поминете „камењата“, одејќи право и умерено, ќе видите „зајаче“ кое скока насекаде, и вие ќе го имитирате неговото скокање (скок   напред – назад, лево – десно, во место). Скокајќи по „зајачето“, приметувате дека „се стемнува“ и со брзо одење стигнувате „во домот на баба“.
Може да предложите овие движења да ги употребите во друга „приказна“ или да ги правите како вежби за одење и скокање.
По играта, пофалете го детето за неговата умешност при движењето и охрабрете го во сигурноста на неговите способности за одење и скокање.

Подготвил: Воспитувач – Билјана Гавриловска