News

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активност: Расказ „Кој има заби“

Цели на активноста:

-Да се оспособува за слушање и разбирање ​на​ приказни и други текстови кои ги чита возрасен

-Да се поттикнува способност за започнување на дискусија и поставување прашања

-Да се развива способност за раскажување и изразување со куси целосни реченици

-Богатење на активниот речник на детето со нови зборови и изрази

Потребен материјал: четка за заби, паста за миење заби, хартија за цртање, фломасери

Тек на активноста:

Повикајте го Вашето дете во бањата и предложете му заедно да ги измиете забите, откако предходно заедно сте изеле нешто слатко. Напоменете му дека не е лошо понекогаш да се изеде нешто слатко (чоколада, бомбони, торта, колачи..) но задолжително после тоа треба да се измијат забите. Разговарајте и што може да се случи ако редовно не ги миете забите. Откако заедно ќе ги измиете забите, предложете му на вашето дете да слушне еден интересен расказ за една четкичка за заби, кој ќе му го прочитате или раскажете (откако предходно сте го прочитале).

Додека ја читате содржината, може паралелно и да ги разгледувате сликите кои ви ги испраќам во прилог. Откако ќе го прочитате расказот, поттикнете го детето со кратки прашања да ви раскаже што разбрало пр. Како изгледало четкичето? Каде прво отишло? Зошто било тажно? Што ќе се случи ако го чисти часовникот? Кој го нашол на крајот? Зошто било среќно…..Во продолжение може да го поттикнете Вашето дете самостојно да го раскаже расказот, гледајќи ги сликите. Може да го раскаже на мама или на тато, баба, сестичето…,така што ќе се јакне самодовербата какј детето, ќе се богати речникот и правилниот изговор на сите гласови. Постојано бодрете го и фалете го, а во исто време настојувајте своите мисли да ги искажува со куси целосни реченици.

Остатокот од времето можете да го искористите за цртање – детето може да го нацрта четкичето од расказот или пак својата четка за заби. Доколку сте во можност, можете заеднички да одите до блискиот маркет, каде што ќе одберете нова четкичка за заби, по избор на Вашето дете, која дополнително ќе биде поттик за редовно миење на запчињата.

Подготвил: Воспитувач – Анкица Поповска