News

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: „Обој, исечи и нанижи висечки геометриски форми

Цели на активноста:

-да се стекнуваат способности за користење на математичките поими во опкружувањето

-да се развиваат способности за класификација, компарација и серијација според боја, форма и  големина

-да се оспособува за воочување и споредување на разликите кај предметите

Потребен материјал: бели листови, фломастери, ножички, конец или украсна лента, проѕирна фолија

Тек на активноста:

Постојат повеќе креативни начини, децата да ги поттикнеме на визуелно воочување и препознавање на геометриските форми. Предложете му на своето дете – игра преку која ќе ги прошири своите знаења за формите.

За оваа игра ќе ви бидат потребни неколку бели листови, на кои внимателно ќе нацртате неколку геометриски фигури (квадрат, круг, триаголник). Поттикнете го детето да ги обои во различни бои и охрабрете го гласно да каже – која форма ја бои. Потоа заедно повторно истражете – Колку страни имаат геометриските форми? – Зошто се вика триаголник? – Зошто кругот нема страни? и сл. Предложете му на детето да ги исече по контура обоените форми, а потоа заедно залепете ги на украсна лента или конец и закачете ги на видно место во домот каде што детето секојдневно може да ги гледа.

За да биде позабавно, нацртајте две поголеми форми (види на сликата во прилог) и средишниот дел заменете го со проѕирна фолија. Детето може да биде „детектив“ што лови форми во домот. Охрабрете го, да ги препознае сите предмети во домот што имаат квадратна, кружна, триаголна форма.

Ви посакувам убаво и забавно дружење со формите.

Подготвил: Воспитувач – Ружица Митровиќ