News

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: “Волшебна торбичка” – игра за препознавање и именување на прибор за лична хигиена

Цели на активноста:

– Да се поттикнува и поддржува љубопитноста за откривање и осознавање;
– Да се поддржува играта за која децата покажуваат интерес;
– Оспособување за препознавање и именување на приборот за лична хигиена;
– Проширување и збогатување на детскиот речник.

Потребен материјал: платнена торба, течен сапун, тоалетен сапун, четка за заби, паста за заби, шампон за коса, купка за тело, чешел и четка за коса, крпа за раце и тело, огледало.

Тек на активноста:

Пред да ја започнете играта обезбедете платнена торбичка, која однадвор ќе биде со детски слики, апликации, може да биде шарена, светкава, односно привлечна за детето. Во торбичката ставете вистински прибор за лична хигиена. Торбичката ставете ја на место каде што детето најчесто сака да игра, во неговото омилено катче од вашиот дом. Повикајте го детето и со возбуда прашајте го каква е оваа торбичка, кој ја донел!?

Детето сигурно ќе биде изненадено и веднаш ќе сака да види што има внатре, но вие ќе го направите повеќе љубопитно со тоа што ќе се восхитувате на убавината на торбичката, ќе погодувате што би можело да има внатре, можеби е волшебна? Потоа ќе седнете на подот, ќе го замолите детето да ги затвори очите, да ја стави раката во торбичката, да извади еден предмет, да ги отвори очите, да го именува предметот и да ја каже неговата функција. Бидејќи децата се мали и нивниот фонд на зборови е мал, имајте трпение, почекајте самото дете да ви каже и објасни за функцијата на секој предмет, поттикнувајте го, охрабрувајте го, пофалете го. Оваа игра можете да ја играте во голем број на варијации во зависност од вашата креативност и интересот на детето.

По завршување на играта, одете во бањата, ставете го секој предмет на своето место и продолжете да играте во бањата, со тоа што детето може да ги измие омилените играчки, да се капе во када полна со пена или застанете пред огледало и правете смешни ликови (мрдајте со носот или устата, плазете го јазикот, намигнете со едно око, затворете ги двете очи и наеднаш широко отворете ги). Играјте, забавувајте се и уживајте со вашето дете.

Подготвил: Воспитувач – Мира Георгиевска