News

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: ВО ЗДРАВО ТЕЛО – ЗДРАВ ДУХ – Говорна игра

Цели на активноста:

-Да се развива способноста за слушање со внимание
-Да се поттикнува и оспособува за искажување на своите идеи на повеќе начини
-Да се поттикне детето да трча стабилно и брзо
-Да се развива способност за контрола на рамнотежата при сложени локомоторни движења
-Да се развива координација и контролата на движењето при одење и трчање

Потребен материјал: Песна од Youtube, слики од спортови (фудбал, кошарка, ракомет, тенис, велосипедизам, карате), ликовен материјал.

Тек на активноста:

Заедно со вашето дете погледнете ја песничката “Вежбаме” од фестивалот за детски песнички „Поточиња“ на Youtube на следниот линк:

На одредени места паузирајте и започнете разговор, низ кој ќе ги поттикнете мислoвните процеси кај вашето дете:

  • Што мислиш, што прават овие деца?
  • Освен што пеат, што друго прават?

Објаснете им дека децата играат, вежбаат, трчаат, скокаат и сето тоа се вика спорт. Објаснете му на вашето дете, дека тоа е физичка активност со правила и цел за натпреварување, за сопствено уживање и развивање на вештини.

Е сега, зошто децата треба да спортуваат?

Спортските активности се многу значајни за стекнување на здрави и нормални навики кај децата. Исто така, спортувањето ја подобрува нивната физичка, социјална и психичка состојба. Не случајно е мотото „Во здраво тело, здрав дух“.

Со спортувањето се зајакнува самодовербата кај децата, помага при развивање на тимска работа и лидерски способности. Спортот е интересен, вашето дете ќе биде дел од група која има исти интереси и цели во животот. Забавата е секогаш дел од натпреварувачките дуели.

На крајот, разгледувајќи ги сликите од разни спортови дадени подолу, поттикнете го вашето дете, да одлучи кој спорт му се допаѓа односно што би сакал најмногу да спортува.

 

Завршете ја активноста со ликовно изразување на тема: „Што сакам да спортувам“ со ликовна техника по ваш избор (цртање со молив, фломастери, дрвени боички или пак, сликање со темперни или водени бои).

После оваа активност вашето дете ќе биде воведено во светот на спортот.

Исто така ви предлагам да излезете надвор заедно и да се забавувате, играјќи го омилениот спорт на вашето дете.

Подготвил: Воспитувач – Љубинка Томовска