News

Возрасна група:  2 – 4 години

Наслов на активноста: Што недостасува– Драмски текст

Цели на активноста:

-Развој на слушното внимание и развој на комуникацијата кај децата.
-Поттикнување и развивање на мисловните процеси кај децата.
-Поттикнување на самостојно мислење, комуникација со воспитувачот и другарчињата.
-Стекнување на основни хигиенски навики кај децата, од нивна најмала возраст.

Потребен материјал: апликации од средства за лична хигиена, гатанки…

Тек на активноста:

Секојдневната грижа за хигиената на нашето тело за време на светската пандемија со корона вирусот претставува еден од најважните фактори во борба против штетните бактерии и вируси што го напаѓаат човечкото тело. Затоа е потребно и неопходно секојдневно да водите разговор и да го потсетувате вашето дете како да се грижи за чистотата на неговото тело и здравје, бидејќи нашето најголемо богатство е здравјето.

По краткиот вовед следи драмскиот текст Што недостасува

Чешел: Дружино, си мислам, си мислам и смислив. Петар без мене не може. Постојано си ја чешла косата и си ја мести фризурата. Јас многу му значам.

Четка за заби: Извини чешелче, но мислам дека претеруваш. Па без мене не може да му почне денот на нашиот Петар.

Паста за заби: Четке, сосетке. Не заборавај! Колку си му важна ти, толку му значам и јас. Ние двете одиме заедно.

Сапунче: Петар мене ме користи најмалку пет пати во денот. Тој секогаш има чисти раце и се грижи за своето здравје. Можеби сите вие сте му значајни, но најбитен сум јас и престанете веќе да се фалите.

Пешкир: Сапунче, не биди смешно. Па веднаш по тебе во редот следувам јас. Измиените раце мора да се избришат. Така е, нели?

Така е ! – Се сложија сите во еден глас. Расправијата заврши и се слушна песна од бањата.

“Ти-на-на, ти-на-на,
Ако нас не нема,
Нема да си чист и среден,
Нема лична хигиена”.

Прашајте го детето дали му се допадна текстот и извлечете заедно поука, дека сите средства за хигиена заедно се еднакво многу важни за нашето здравје и тело.

На крај од активноста, прочитајте неколку гатанки за средства за лична хигиена. Вашето дете нека се обиде да ги погоди.

На пластична рачка
влакненца има,
за хигиена служи
со заби се дружи.

(Четка за заби)

Косата ја прави
со многу пена бела,
ако со раце ја истриеш
ќе биде бела цела.

(Шампон)

Косата ја суши
виткана и права,
за да биде лична
за сечија става.

(фен)

Заедно со водата
меурчиња прави,
за да бидат дечињата
чисти и здрави.

(Сапунче)

На крај покажете му ги фотографиите и апликациите (подолу) и мотивирајте го по свој избор да нацрта некое од нив.

Подготвил: Воспитувач – Маријана Поповска