News

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: Песничка ,,Чисто дете” – Поточиња 2004г.

Цели на активноста:

-Развивање интерес и љубов кон музиката и песната
-Оспособување за самоконтрола на движењата
-Негување на интерес и љубов кон музиката што се слуша
-Навикнување на редовно и правилно користење на средствата и приборот за лична хигиена

Тек на активноста:

На самиот почеток на активноста објаснете му на детето, за да бидеме здрави многу е важно секојдневно да се грижиме за хигиената на нашето тело. Редовно капење и миење на рацете, како и забите придонесува за нашето добро здравје. Објаснете му дека со капењето и туширањето нашата кожа се чисти од пот, прав и други нечистотии, а потоа е важно да се облече чиста облека. За да бидат забите здрави и убави, неопходно е правилно миење по секој оброк, а задолжително треба да се измијат навечер пред спиење. Често пати треба да се мијат рацете за да се отстранат бактериите, и на тој начин ќе спречиме да се разболуваме. За да ја одржуваме хигиената на нашето тело, ќе ни биде потребно да користитме шампон, сапун, четка и паста за заби. Како правилно да ги користиме, прикажано е на сликите.

Потоа предложете им да слушаат песничка во која се зборува за чисто дете. Следува запознавање со песничаката, текстуално и музички.

Чисто дете

Секое чисто дете
личи на мајски цвет,
црвено е слатко,
слатко како мед.

Сапунот му е другар
пријател верен и драг,
секое чисто дете
силно е како лав.

Шампонот и четка за заби
здравје ќе ни пружат,
среќни се оние деца
што со нив се дружат.


Следи разговор за содржината на песничката со прашања и објаснување за подобро да го совладаат текстот на песничката. Пуштете им ја песничката да ја слушаат неколку пати, се додека има интерес кај детето. Активноста завршува со движење по тактот на музиката.

Подготвил: Воспитувач Билјана Андоновска