News

Воспитна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: Сликовница – Ленка немиенка

Цели на активноста:

–  Да се поттикнуваат културно хигиенски навики кај децата

– Да се развива способност за слушање и разбирање на содржината на литературната творба

– Да се поттикне кон развивање на координацијата меѓу окото и раката, правилно држење на ножички и правилно сечење по линија

Потребен материјал: сликовница, лист од блок, фломастер за исцртување на контури, колаж, ножички и лепак…

Тек на активноста:

Kако родители постојано ги советувате и разговарате со вашите деца за начинот на одржување на хигиената (често и правилно миење на рацете со сапун и вода, миење на лицето, редовно чешлање на косата, редовно сечење на ноктите, да кашлаат и киваат во хартиени шамивчиња, да не ги допираат лицето, очите и устата) со еден збор – да бидат чисти, уредни и здрави и тоа посебно сега, во време на пандемија. Но има и такви дечиња кои не знаат колку е значајно да ја одржуваат личната хигиена и кои не сакаат да ги мијат редовно рачињата, да се бањаат и сл, а едно од тие дечиња е и Ленка, која преку овој расказ ни кажува што се случува доколку не ги применуваме горе наведените работи.

Откако ќе ја прочитате сликовницата, со децата поведете разговор за содржината и охрабрете ги да ја прераскажат истата. Подоцна можете да им предложите, со помош на колаж во различни бои, ножички, фломастер и хамер, да изработат постер со прибор за лична хигиена. На  колаж хартијата,  децата треба да нaцртаат повеќе работи од приборот за лична хигиена (сапун, крпa, чешел, паста…). Настојувајте децата да изработуваат самостојно и доколку имаат потреба, помогнете им. Откако ќе ги нацртаат,  побарајте од нив истите да ги исечат и да ги залепат на хамерот. За време на работата пофалете ги децата за нивната креативност, упорност и истрајност. Откако децата ќе го залепат приборот за хигиена кој го исекле од колажот со ваша помош, под секој елемент ставете име.

Вака направениот постер, ставете го на видно место во вашиот дом, каде секојдневно ќе ги потсетува децата – правилно и редовно да ја одржуваат хигиената.

Подготвил: Воспитувач – Виолета Стефановска