News

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: „Истражувам во бањата“

Цели на активноста:

-Воочување на промените и појавите што се случуваат при игрите со приборот за хигиена и предметите во бањата;

-Стекнување навики за лична хигиена;

-Поттикнување на способности за имитирање и повторување на слушани зборови

Претходни подготовки: Обезбедете разни предмети од приборот за лична хигиена: сапун, крпа, чешел, паста за заби, четка за заби, огледало и сл.

Тек на активноста:
1. Пред детето прочитајте ја неколку пати стихотворбата:

За чистите деца

За оние што лице мијат,
за оние што запчиња тријат,
што чешлаат коса,
и чисто се носат-
триста пати браво,
триста пати здраво!

Со детето разговарајте за содржината на стихотворбата. Обидете се да ја  меморира содржината и заедно кажете ја стихотворбата или дел од неа.

2. Потоа влезете во бањата и разговарајте за неа. Објаснете му на детето дека таа е место за стекнување хигиенски навики. Разговарајте за уредите во бањата и за нивната намена. Зошто служи кадата? Зошто мијалникот?

3. Зборувајте за водата во бањата. Кажете му на детето што смее, а што не смее да прави. Објаснете дека секогаш прво се пушта ладната вода, а потоа топлата вода и покажете му ги боите на чешмите, за да може да ги распознае дека со сина боја е означена ладната вода, а со црвена боја е означена топлата вода.

4 .Демонстрирајте му на детето различни сапуни, нека го почувствува мирисот и нека ја забележи бојата. Каков е сапунот кога е сув, а каков е кога ке се пушти млаз со вода врз него? Што чувствуваме на рацете? Објаснете му на детето зошто треба да се мијат рацете! Кога нашите рачиња се извалкани на нив има мали ситни бубачиња, коишто не се гледаат со голо око! На пр. Доколку не ги миеме рачињата редовно пред јадење, тие бубачиња ќе влезат во нашето стомаче и ќе се разболиме од нив!

5. Понудете му на детето неколку четки за заби и пасти за заби. Понудете и чешли во разни големини и форми. Детето нека ги одвои четките за заби од чешлите. Објаснете зошто служат едните, а зошто другите? Помирисајте ги пастите за заби. Каков е нивниот мирис? Се забележува ли разлика во мирисот?

6. Детето нека се гледа во огледало. Што гледа во огледалото? Зошто ни служи огледалото во бањата? Заедно со детето направете „Утринска смотра“ повторувајќи ја неколку пати стихотворбата „За чистите деца“.

7. Понудете му на детето колаж хартија, лепак, бела хартија и заедно аплицирајте „Прибор за лична хигиена“

Подготвил: Воспитувач – Јелена Мирческа