News

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: Игра со песна ,,Сапунче”

Цели на активноста:

– Да се оспособи детето да ги мачка рацете со сапун, да ги плакне со триење, со помош на возрасен (2-3год.)

– Да се поттикне детето самостојно да ги мие рацете, лицето …

– Да се стекнат основните навики за одржување на личната хигиена

– Да се развива способноста за пеење песни со едноставен ритам

– Да се поттикне детето, со движења да го изразува карактерот и содржината на песната

– Да се поттикнува кон поставување прашања за непознати предмети, лица, настани во моментот на набљудувањето

Тек на активноста:

Секое дете сака да почувствува мирис на добра купка, сапун, шампон. Но основната цел на сапунчето е да ги тргне нечистотиите  од рацете, телото. Како, на кој начин рацете стануваат валкани и нечисти, можеме да му поставиме прашање на детето? Ќе добиеме разни одговори. Ќе му објасниме дека една нечистотија е видлива, а друга воопшто не се гледа со нашите очи и е многу опасна по здравјето и затоа основното правило е миење на рацете со сапун. Зошто сапун? повторно би ги запрашале, за комуникацијата да биде циркуларна,  а разговорот може да биде поткрепен и со слика. (сликите се подолу)

Децата ќе кажат дека се извалкале кога допреле земја, храна и сл. но не и со секое допирање на мобилен, тастатура на лаптопот, кваките, врати, лулашки во парк итн. Ќе им објасниме дека на нашите раце има стотици невидливи животинки, кои се викаат бактерии. Но затоа тука е сапунот. На детето мора практично да му презентираме, на кој начин се мијат рацете правилно. Кај нив тоа најлесно би одело додека слушаат музика или потпевнуваат песничка во времетраење од 20 сек.

Поради тоа, ја предложувам песната ,,Сапунче”, на која ќе се потсетат некои од  родителите кои оделе во градинка. Со неа, чинот  миење раце, може да биде интетресен и во вид на игра.

Повеќето од Вас користите течен сапун, но и обичниот сапун може да биде интересен во играта ,,миење раце”, кога ќе се лизне меѓу прстите и ќе ,,избега”. Не брзајте никогаш додека ги миете рацете на Вашите деца. Во градинка – во тоалетите понекогаш тоа е навистина како забавно шоу. Честопати некое од децата може да ги ,,испере” и ракавчињата.

Доколку знаете некоја добра песна за хигиената, пејте ја со Вашето дете. Но  може да послужи и старата добра песничка ,,САПУНЧЕ”

Сапунче, сапунче
бели пени прави,
за да сме чисти,
румени и здрави.

Мало огледалце,
ќе ни каже право,
кому треба мамичка,
да му каже браво (2×)

Пејте ја песната бавно и со умерена јачина на гласот. Повторете ја 2 до 3 пати, додека да ги измиете рацете. Можете да организирате творечка игра ,,бањање на куклите ” или некоја друга играчка. Играјте и пејте.

Откривајте заедно нови игри…..и ,,Сапунче”

Вашето дете стекнува навики како да се заштити од бактериите и вирусите.

Подготвил: Воспитувач – Веселка Божиновска