News

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активност:Чисти и нечисти раце – цртање со дрвени боички“

Цели на активноста:

– Стекнување основни навики за лична хигиена, како  еден од најважните фактори за здраво дете

– Да се поттикнува детето на самостојно миење на рацете, лицето, забите, телото

– Поттикнување на креативност и кординација помеѓу око и рака

Потребен материјал: сапун и вода, сликовница „Грицкам нокти“, хартија за цртање, дрвени боички или фломастери.

Тек на активноста:

Познавајќи ја состојбата со вирусот, се повеќе се обрнува внимание на личната хигиена, посебно хигиената на рацете. За да го воведете и научите вашето дете за редовно и правилно миење на рацете, потребно е секојдневно и по неколку пати, тоа заеднички да го практикувате. Додека ги миете заеднички рацете, освен што практично ќе му покажете на детето, убаво би било и постојано да разговарате на таа тема. Посочете му на детето дека со рацете допираме многу валкани работи, посебно кога ќе излеземе надвор од дома (кваки, лифтови, гелендери, лулашки….и се она на што се присетувате од кога ќе се вратите од прошетка) и сите тие нечистотии се залепени на нашите раце, прсти, а се пикаат  и под ноктите. За таа цел, морате да го научите дека, првата задача кога се враќате дома е да ги измиете убаво рацете.

Доколку вашето дете ги грицка ноктите или пак ги пика рацете во уста (што не е ретка појава кај малите деца), потребно е да разговарате со децата и првенствено да ја најдете причината за таквата навика. Набљудувајте го детето со цел да забележите кога поинтензивно ги става рацете во уста и ги грицка ноктите.

*кога е несигурно и збунето

*кога го карате и гласно викате

*кога се срами пред нови другарчиња…

За таа цел секогаш поттикнувајте го и бодрете го детето, покажете му дека е добро дете, успешно ги завршува задачите и кога тоа не е баш така успешно -пр.„браво многу добро го направи ова, следниот пат сигурна сум уште подобро ќе го направиш ….“ со што ќе му се јакне неговата самодоверба, што е многу важен сегмент за социоемоционалниот развој на секоја личност. Обраќајте му се со смирен тон на гласот, а секогаш кога ќе згрши, смирено објаснете му каде е грешката и како треба правилно да постапи. Можете почесто пред децата да ставате чинија со ситно исецкано овошје или зеленчук, кој ќе го држи детето „зафатено“, односно наместо ноктите ќе грицка морковче. Објаснете му на детето, дека под ноктите се собираат ѓубриња и бактерии, а кога ние ќе ги ставиме во уста бактериите директно ни одат во грлото и во стомачето и ние веднаш се разболуваме.

Во прилог ви испраќам неколку илустрации од сликовницата „Грицкам нокти”, кои ќе ви бидат водич во разговорот. За да му доловите на детето како изгледаат рацете полни со бактерии, покажете му фотографии каде што се истите прикажани.

На крајот како задача за вашето дете, побарајте да нацрта една чиста дланка и една дланка која не е чиста, користејќи дрвени боички или пак фломастери. Готовиот цртеж може да го закачите на видно место во домот, каде ќе биде потсетник за важноста од одржување на личната хигиена.

Подготвил: Воспитувач – Анкица Поповска