News

Наслов на активноста: „Запознај се со – монети и банкноти“

Возрасна група од 5 – 6г.

Цели на активноста:

-Оспособување за препознавање и манипулирање со монети и банкноти.
-Детето да се поттикне кон графичко и ликовно изразување на доживувањата, емоциите и потребите.
-Да се оспособува за користење на истражувањето како форма на учење.
-Да се поттикнува кон користење на математички поими во опкружувањето.

Претходни подготовки: обезбедете монети со разни вредности. Обезбедете и банкноти. Доколку сте во можност, обезбедете и пари од друга валута. За детето обезбедете помала кутија, која подоцна ке биде декорирана како каса. Обезбедете и вистинска каса за пари.

Тек на активноста

1.Воведете го детето во идејата за правење касички. Поведете разговор за намената на касата. Покажете вистинска каса за пари. Посебно покажете го местото, каде што се ставаат пари во касата. Покажете и клуч за каса.

2.Понудете разни декоративни материјали – хартија, лепак. Детето нека ја декорира кутијата по сопствена желба и креација. На кутијата направете отвор за ставање на пари.

3.Разговарајте со детето за парите. Детето пред себе нека има монети со разни вредности. Заедно пребројте колку парички има. Ставете ги парите во касата.

4.Што можеме да купиме со парите? Што плаќаме со пари? Од каде ги добиваме парите? Како се вика установата од каде што подигаме пари? Поттикнете го детето да измислува креативни одговори!

5.Пред детето покажете монети и банкноти со разни вредности. Покажете 1 ден, покажете 5 денари, покажете 10 денари во монети и 10 денари – банкнота. Покажете 50 денари, покажете 100 денари! Укажете на еднаквата вредност на повеќето монети и една банкнота! Кажете му на детето, што можете да купите со некоја од монетите и од банкнотите!

6.Покажете монети од друга валута. Објаснете му на детето дека со нив се купува во други земји и дека кога сме во друга земја, не можеме да купуваме со нашите пари, туку нив ги заменуваме со други.

7.Поттикнете ја кај детето, доблеста за штедење пари. Укажете на рационално трошење на парите!

Ликовен центар: Понудете копии со неколку банкноти. Понудете дрвени и мрсни боички. Детето нека ги обои банкнотите според нивната вистинска боја. Покажете му на детето, примерок од вистински банкноти. Потоа исечете ги банкнотите.

Манипулативен центар: Понудете монети со разни вредности. Понудете хартија (потенка), графитен молив. Со тапиот дел од крајот на моливот притискајте и сенчајте врз хартијата под која се поставени железните монети. Потоа „монетите“ исечете ги и класифицирајте ги според вредноста. Направете низи од 1 денар, од 2 денари и од 5 денари.

Центар за игри со улоги: Организирајте игра „Во банка“. Импровизирајте шалтер. Во кутијата со прегради, ставете пари од хартија и железни монети. Детето нека манипулира со парите!

Литературен центар: Поттикнете го детето да раскажува на тема „Кога би имал пари…“. Исказите забележете ги на хартија. Поттикнете ја детската фантазија и имагинативност.

Дополнителни активности: Бидејки не можат да се прават посети во банка во време на пандемија на корона вирус, овозможете му на детето преку видео материјал да ја проследи работата на банките. Запознајте го детето со работата на луѓето кои работат во банка. Нека погледнат сефови и големи каси за пари.

Подготвил: Воспитувач – Јелена Мирческа