News

Наслов на активноста: ,,МОЈАТА ПРВА СЛОЖУВАЛКА” – Ликовна игра

Цели на активноста:

-Да се збогатуваат сензорно – перцептивните искуства ;
-Да се поттикнува детето, да ги користи дланките и прстите на двете раце за да ракува со ножички;
-Да се поттикнува развојот на детската фантазија;
-Да се развива чувството на слобода, при истражување и ликовно изразување;
-Да се поттикне детето, да ги открива различните ликовни можности на материјалите и нивното употребување на повеќе начини, како и слобода во комбинирање на ликовните техники
– Да се поттикнува развојот на координацијата помеѓу окото и раката;

Потребен материјал: ножички со затапен (заоблен) врв; разновидна хартија  во повеќе бои, стари детски списанија, весникарска хартија, потенок картон, лепило за хартија, репродукција на слика која одговара на детските доживувања и искуство ( пејзаж, портрет, ентериер и сл.), ткаенина, ликовен материјал за сликање, цртање итн.

Тек на активноста

– Претходна подготовка низ активности:

  1. Сечење со ножички разни форми, кои детето претходно ги нацртало на хартија во боја или весникарска хартија и од истите да осмисли и состави некоја фигура ( куќа, воз, брод, робот, сонце, облак и сл.) Додека детето работи, постојано охрабрувајте го и поттикнувајте го – може да кажете: ,,Што е ова, како го направи? Многу ми се допаѓа, продолжи понатаму!” Помогнете му да ја залепи и состави саканата фигура.
  2. На хартија за сликање – цртање, поттикнете го да нацрта нешто по негов избор ( автобус, куќа, дете, големо јаболки и сл.) Нека биде тоа само еден предмет. Кажете му дека од таа слика може да излезе убава сложувалка… Прашајте го дали има желба за тоа. Потоа помогнете му да го подели истиот со молив на 2, 3 или 4 дела. Со ножички нека ги исече деловите, укажувајќи му, дека тоа е негова лична сложувалка, дека е единствена и прекрасна. Играјте со неа.
  3. Следете го детскиот интерес и постепено воведувајте го во посложени активности за изработка на сложувалки. Можеби ќе посака да исече одредена слика од некое детско списание. Залепете ја на картонче и на истиот принцип поделете ја на помали и поголеми парчиња, со цел да направите сложувалка.
  4. Во следниот чекор – време е да да се направи уште посложена сложувалка. Се разбира, кога детето ќе изрази желба или кога ќе го прифати Вашиот предлог за ваква игрова активност. При тоа дозволете му, тоа само да ја осмисли темата, да го одбере материјалот и техниките на работа, а Вие бидете присутни за да му помогнете кога тоа ќе биде потребно.

Изработката на сложувалка бара концентрација, внимание, упорност и истрајност. Детето треба да биде ангажирано, но и опуштено, да чувствува задоволство, при секое движење на раката. Особено, ако детето одбере да направи слика за сложувалка, во која ќе ги користи често ножичките (ако во сликата сака да вметне апликации од колор весници).

Ракувањето со ножички е комплексна вештина и претставува комбинација на стекнати вештини и компетенции од моторниот и интелектуалниот развој. Сечењето со ножици бара висок степен на координација на мускулите на прстите, шаката и рацете, со очите. Затоа Вашето присуство во таквите активности е од големо значење. Поттикнувајте го, храбрете го и помагајте  кога ќе му треба Ваша помош.

Текот на изработка на сложувалка го знаете. Помогнете му, задачата да ја заврши до крај. Задоволството ќе биде заедничко и ќе се јавува секогаш кога ќе ја составувате сложувалката, која ја осмислило и направило Вашето дете. Доколку Ви се допадна оваа идеја и направите своја сложувалка, споделете ја со нас

Ги поздравувам Вашите заеднички игри од дома.

https://pin.it/7wwDLqy

https://pin.it/3ZHmuiW

https://pin.it/5xJVVjz

Подготвил: Воспитувач – Веселка Божиновска