News

Наслов на активноста: Метеоролошки појави

Цели на активноста:

  • Да се развиваат способностите за користење на истражувањето и набљудувањето, за учење и откривање;
  • Да се поттикнува самостојно изведување на истражувачки активности;
  • Да се запознава со метеоролошките појави и атмосферските прилики од непосредната средина;
  • Да се оспособува за воочување и именување на најчестите метеоролошки појави (ветер, дожд, снег, облаци, магла, слана, роса, град, гром);
  • Да се оспособува за препознавање и вербално искажување на карактеристиките на метеоролошките појави;
  • Препознавање на некои знаци, по кое може да се предвиди какво ќе биде времето.

Потребен материјал: неколку пластични шишиња од половина литар или неколку стаклени теглички, памук, светкава прашина во сина боја, темперни бои, четки, самолеплива хартија, туфнички во боја (жолта), метални стапчиња во боја (жолта), ножички, фломастери, дрвени боички, чепкалки за уши, волница, листови за цртање.

Тек на активноста

Поттикнете го детето да погледне кон небото и да процени и каже какво е времето, односно што гледа на небото. Поставете му прашања во врска со метеоролошките појави и времето (какво време би имале, ако на небото има бели облачиња и сонце, ако има темни облаци, од каде паѓа снегот, зошто врне дожд, кој го прави ветерот, како настанува гром и сл.). Некои од одговорите заедно истражувајте ги со помош на енциклопедија или детски едукативни видеа.

Насочете му го вниманието на детето кон конкретните метеоролошки појави (сонце, дожд, снег, молња, ветер, магла, град) и предложете му заедно да направите неколку од појавите со помош на стаклени или пластични шишенца или теглички, по негов избор (како на сликите подолу). Додека ги изработувате, разговарајте за нив, и откако ќе ги направите, поттикнете го нека ги именува и објаснува појавите, покажувајќи ги изработените метеоролошки појави.

Можете да му предложите на детето, да ги нацрта метеоролошките појави или сликовито да ги прикаже (каква е околината кога врне снег, како се чувствува тоа кога времето е сончево, како изгледа дождот или молњата итн.).

На крај, заедно со детето направете календар на природата, каде ќе ги забележувате метеоролошките појави секојдневно (како на сликите подолу).

Ви посакувам радосни сончеви денови.

Подготвил: Воспитувач – Билјана Гавриловска