News

Наслов на активноста: „Магична слика“- Ликовно-истражувачка игра

Цели на активноста:

-Да се влијае на развојот, збогатувањето и создавањето на детското ликовно искуство
-Да се поттикнува самостојноста во користењето на различен ликовен и останат неликовен материјал
-Да се оспособува детето, за користење на истражувањето како форма на учење

Потребен материјал: лист од блок, восочни бои, водени бои, свеќа, четка, чашка со вода или материјал по желба (копчиња, светки, монистри и сл.)

Тек на активноста

Ликовните игри кај децата секогаш внесуваат радост, возбуда и задоволство, а најзначајно од се е тоа што, се поттикнува креативноста, љубопитноста, фантазијата и иницијативноста. Оваа  ликовна игра, е комбинација на водени и восочни бои, која делува на развојот на фината моторика, со што ќе го поттикнете детето да експериментира, а воедно и да истражува, осознава и заклучува. А сега да видиме, каде се крие „магијата“.

На детето дајте му бел лист хартија и поттикнете го да црта на него со бела восочна боичка. Линиите што остануваат на листот не се гледаат или се малку видливи. Тоа што ќе го нацрта, ќе биде основа за понатамошно сликање и треба да биде по негов избор (автомобил, цвет ,куќа и сл). Поради бојата на листот и боичката, сликата ќе остане тајна. Сега е на ред да ја видиме сликата, а за да стане видлива, целиот цртеж го боите со палета од водени бои, каде белата боја не ја употребувате. На овој начин ќе откриете, што Вашето дете нацртало. Пофалете го и охрабрете го, да создаде уште неколку слики кои ќе формираат една целина, цела една приказна.

Друга можност е, да му предложите на детето во една чашка или чинија, да изренда малку свеќа, која Вие потоа ќе ја загреете и ќе му ја дадете на детето додека е во течна состојба. Со помош на стапче, детето нека слика на листот. Во зависност од бојата на подлогата и бојата на свеќата, на листот ќе остане трага, која ќе биде повеќе или помалку видлива. Потоа продолжете со комбинирање на други ликовни техники – како печатење и сл.

Овие активности овозможуваат, создавање на услови за развој на креативна личност, но и јакнење на самодовербата и сигурноста во ликовното изразување и достигнување на детето.

Ваквите игри почесто практикувајте ги, ослободете ја детската креативна фантазија и создавајте уметност.

Подготвил: Воспитувач – Виолета Стефановска