News

Наслов на активноста: Креативна игра  „Во светот на волшебствата“

Цел на активноста:

-детето да се поттикне кон развивање на координираност помеѓу окото и раката, со користење различни материјали
-да се збогатуваат сетилните искуства на детето, преку допирање на различни материјали
-детето да се поттикнува кон разни видови на креативност
-да се развива способноста за изразување на мислите и искуствата низ различни форми на креација

Потребен материјал: хамер или подебела хартија, лепак, жички за спојување, разновиден природен материјал (ливчиња, цветови, гранчиња …)

Тек на активноста

Детското секојдневие е исполнето со најразлични игри и забава, а со детската фантазија, несомнено владеат најубави принцези, волшебни самовили, моќни кралеви и храбри витези. Ви предлагам игра, преку која детето ќе добие можност да ја реализира својата желба и да се претвори во еден од неговите јунаци.

За почеток, земете парче хамер или подебела хартија и на неа исцртајте форма на круна, но внимавајте кога ќе ја споите, должината да одговара на обемот на главата на детенцето. Сега треба да ја украсите. Предложете му на детето една прошетка во паркот, каде што самото ќе ги најде потребните украси за својата круна. Собирајте разнобојни цветчиња, ливчиња со различни форми, гранчиња, а потоа посветете се на украсување на круната.

Поттикнете ја детската креативност, оставете го детето да прави самостојни комбинации и декорации со природните материјали, а Вие помогнете му да ги прикачи на круната.

Доколку имате на располагање повеќе материјали, можете да изработите круни за сите членови на семејството.

На истиот принцип – може да се изработат и алки, ѓердани, маски за лице, крилја и сл.

На крај, крунисајте го својот принц / принцеза и влезете во светот на волшебствата.

Подготвил: Воспитувач – Сашка Михајлова