News

Наслов на активноста:”Воздушни игри” – Истражувачки игри

Цели на активностите:

-Да се поттикне детето кон осознавање и откривање на својствата на воздухот;

-Да се оспособува за користење на истражувањето и набљудувањето како средство за откривање и учење;

-Да се поттикнува и поддржува во сфаќањето на причинско- последичните врски и релации;

-Да се оспособува за користење на конкретното набљудување и манипулирање во функција на активирање на повисоките мисловни процеси;

-Да се развива способноста за искористување на играта и игровните активности во функција на учење и откривање;

-Да се поддржува на свој начин да ги пренесе своите решенија, мислења, искуства и зклучоци;

Потребен материјал: балони во различни бои и големини, цевчиња за сок, стаклени тегли, проѕирни пластични чаши за вода, закачалка за облека, сукало и дрвена летвичка, јаже, свеќа, запалка, разновидни листови хартија, ножици, лепило, селотејп, автомобилчиња…

Воздухот е насекаде околу нас. Цело време гледаме низ него, но никако да го видиме или допреме. Воздухот со ништо не може да се замени. Тој им е потребен на луѓето, животните, растенијата за да можат да живеат. Кога е времето мирно, воопшто не го забележуваме, но кога ќе се придвижи, ги затресува лисјата на дрвјата, го слушаме неговиот свиреж во ушите, ја разлетува нашата коса, облека… Воздухот е доволно силен за да ги одржува птиците да летаат на небото, но и воздушните балони, авиони и многу други видови летала. Тој е толку силен што може да ги врти перките на ветерницата, за да создаде струја.

Сега сето ова проверете го!!…

Тек на активноста

Со прстите стиснете ги носот и устата… 

-Колку време можете да издржите?  Зошто?

-Поттикнете го детето да ви одговори, а потоа Вие може да му објасните подобро да разбере.

Вдишете го воздухот низ носот, а потоа издишите низ устата.

-Прашајте го детето дали забележува, како неговиот граден кош се шири кога вдишува воздух, а што се случува кога ќе издиши!

Земете по еден балон и надувајте ги!

-Погледнете како воздухот ги прави балоните поголеми. Потоа отпуштете ги балоните. Воздухот излегува надвор, ги прави балоните помали.

-Прашајте го детето дали го гледа воздухот?

-Дозволете му да ви објасни со зборови, да ги опише своите впечатоци.

▪︎Заклучок: Воздухот е невидлив, нема боја.

 

Дали воздухот има мирис?

-Земете било каков парфем и прснете во просторијата, помирисајте со носот… што се случи! Детето нека ви одговори.

▪︎Заклучок: Воздухот доби мирис од парфемот.

-Земете плиток пластичен сад, ставете малку вода, дајте му на детето цевче за сок, нека дува со цевчето во водата… Што се појавува во водата? Детето нека ви каже што мисли за меурчињата во водата, што претставуваат? Дувајте и Вие, кој прави поголеми меурчиња?… Зошто?

Поттикнете го детето самостојно да доаѓа до заклучок.

ЗАПОМНЕТЕ: СИТЕ ОДГОВОРИ НА ДЕТЕТО СЕ ПРИФАТЛИВИ “ТОЧНИ”. НЕ ГО ПРЕКОРУВАЈТЕ ДЕКА НЕ ЗНАЕ, САМО ОХРАБРУВАЈТЕ ГО.

Колку тежи воздухот? Како ќе измериме?

-Земете закачалка за облека и поставете ја на дрвена летвичка, меѓу две столчиња. Потоа надувајте две балончиња со различна големина и боја. Врзете по еден на двата краја на закачалката и прашајте го детето зошто закачалката се наведнува кај поголемиот балон?

▪︎Заклучок: Во поголемиот балон има повеќе воздух и затоа се наведна.

На огнот му е потребен воздух!

-Пред да го направите експериментот предупредете го детето, никогаш да не го прави само без помош од возрасен. Земете голема стаклена тегла, запалете една свеќа и поклопете ја со теглата. Внимавајте детето да не ја допре теглата со рацете зошто може да се изгори! Почекајте и кога ќе се изгасне свеќата, барајте од детето одговор на прашањето: Зошто свеќата се изгаси?

▪︎Заклучок: Воздухот се истроши во теглата и свеќата се изгаси.

Направете ладало од хартија, потоа земете друг лист и искинете го на ситни делови, ставете ги на маса.

-Поттикнете го детето да го движи ладалото горе – долу. Што се случува? Зошто парчињата хартија летаат?

Тука ќе застанеме иако има уште многу, многу експерименти за воздухот.

Бидејќи времето е убаво ви предлагам да си поиграте малку надвор. Еве уште неколку идеи за воздушни игри:

-Направете вртелешка од хамер, летало – змеј, децата нека ги украсат, а потоа излезете и летајте ги во парк, двор, на планина. Направете ракета од балон, како што е дадено во примерот, децата нека се забавуваат. Организирајте трка со колички, на кои има фисирано балон со цевче и натпреварувајте се.

Овие игри се интересни, едноставни, збавни и ги поттикнуваат децата на откривање и осознавање за воздухот и неговите својства, а Вас ќе ве потсетат на Вашето детство.

Пријатна забава.

 

Подготвил: Воспитувач – Мира Георгиевска