News

Наслов на активноста: Изработка на кукли и театар од различни материјали

Цели на активноста:

-Стекнување на елементарни знаења за театарот и драмската уметност;

-Да се поттикне детето, да ја користи својата креативност во секојдневните ситуации;

-Детето да се поддржи во истрајноста при процесот на откривање и учење;

-Да се поттикне кон изразување на координираноста помеѓу окото и раката, со користење на различни материјали;

-Развој на имагинацијата и творештвото;

-Богатење на литературниот јазик со нови изрази и поими;

-Поттикнување на интересот кон говорното и ликовното изразување.

Потребен материјал: стапчиња, шпатули, хартија, тврд картон, памук, текстил, волница, дрво, дрвени лажици и др.

Тек на активноста

Преку оваа активност ќе дојде до израз детската креативност, неговата имагинација, развој на практичните вештини, како и богатење на ликовното и драмското искуство. Затоа, поттикнете го детето на разговор, самото да опише: Која му е омилена кукла? Какви видови на кукли има? Што е куклен театар? Омилена куклена претстава, што ја гледал во градинка? Кој му е омилен лик од претставата?

Потоа предложете му, заеднички со ваша помош, да се потрудите да направите куклена претстава. Но, за тоа ќе ви бидат потребни кукли и куклен театар.

Во прилог се сликите кои ќе ви помогнат да направите едноставни кукли на стапче, чие лице се наоѓа на хартија, (нацртано, насликано или изработено со некоја друга ликовна техника) која се лепи на тврд картон.

Кукли – каде лице може да биде и вреќичка наполнета со памук или весникарска хартија, прицврстена на дрвено стапче (шпатула, гранка или сл.)

Исто така, можете да правите кукли од текстил, хартија, картон, волница, дрво, дрвени лажици и друг материјал, по даден калап или слободно комбинирани.

За да биде театарот едноставен, може да се направи од голема картонска кутија, или парче текстил, завеса прицврстена за дрвени столбчиња од страната.

Договорете се со детето за драматизацијата – дали ќе биде по некој познат текст или измислете некоја друга содржина на претставата. На пример, „Грдото пајче“, „Волкот и трите прасиња“, „Црвено јаболко“, „Трите мечиња“, „Дедо медо и крушата“ и др. По донесените одлуки, кои кукли ќе бидат потребни да се изработат за драматизацијата, следат подготовки, а потоа започнете со изработка на куклите. Слободно придружете му се на детето и заедно креирајте. Додека детето работи практично, поддржувајте го и охрабрувајте го за сработеното.

По направените кукли и театар, следи мини-претстава, во која ќе учествувате заеднички. Додека детето ја држи куклата, стекнува партнер во дијалогот. Зборува наместо нив, го развива говорот, стекнува лично драмско искуство и соработува.

Претставата можете да ја дадете пред другите членови на семејството. Следи аплауз, за успешно завршената работа.

 

Подготвил: Воспитувач – Билјана Андоновска