News

Наслов на активноста:„Звуците околу мене“- Истражувачка игра

Цели на активноста:

*Да се влијае на развојот, збогатувањето и создавањето на детското музичко искуство, а со тоа и вежбање на трпението и препознавање на различни звуци од околината

*Да се поттикнува развојот на меморирање на некои звуци и нивно репродуцирање

Потребен материјал: стаклени чаши или теглички, лажички кои може да се метални или дрвени, може и дрвено моливче или стапче, вода и прехранбена или темперна боја

Тек на активноста:

Доколку времето е убаво со вашето дете излезете во блиската околина или парк. Седнете на некое место кое е потивко и  поведете разговор  за тоа дали детето  слуша нешто-некаков звук. Побарајте  да наброи некои од звуците што го опкружуваат (песната на птиците, звукот на автомобилите, лаежот на кучињата и сл). Разговорот насочете го кон тоа дека во нашата околина има најразлични звуци кои не опкружуваат и дека некои звуци се природни (гром, ветер, море), некои ги испуштаат животните (жаба, куче, славејче), а некои звуци ги создаваме ние (плачење, пеење, разговор, плескање со раце и сл). Разговарајте со детето  и поттикнете го да ви каже дали некои од звуците кај него побудуваат пријатни чувства (пеењето на птиците, шумолењето на лисјата) и дали има такви кои за него се непријатни (звукот на автомобилот, силно викање и сл).

Потоа предложете му на детето да заминете дома и да направите едно интересно истражување. За ова истражување, ви се потребни неколку стаклени чаши или теглички, дрвена или метална лажичка, а може да биде и дрвено стапче или моливче, прехранбена боја и вода.

Заедно со детето на масата наредете неколку стаклени чаши, по можност тоа да се 7 каде во 6 чаши ќе ставите по различно количество вода како подолу на сликата, а едната чаша ќе ја оставите празна. За истражувањето да е поинтересно, а и детето да може полесно да запомни каков звук испушта одредена чаша, во водата ќе ставите прехранбена боја и тоа различна. Доколку немате прехранбена боја, може да ставите и темперна боја – но во секоја чаша треба да има различна боја. Потоа побарајте од детето да удри со лажичката по ивицата на чашата, внатре во чашата и од надворешниот дел на чашата и да спореди дали звуците се исти, слични или различни – дали секоја чаша кога ќе ја удри испушта ист или различен звук. Детето откако ќе го воочи звукот, побарајте да го спореди со друг и да ги истакне сличностите и разликите. Разговорот нека биде насочен кон промената на звукот, во зависност од содржината или положбата на чашата. Ако правилно се одреди нивото на водата во чашите, се добива дурската скала, која може да се  користи во музички активности.

 

Подготвил: Воспитувач – Виолета Стефановска