News

Наслов на активноста: „Моето тело надворешно и внатрешно“ – Истражувачка активност

Цел на активноста:

  • Да се поттикнува употребата за користење на истражувањето како форма на учење;
  • Да се поттикнува интересот за учење преку игра;
  • Да се поттикнува да ја користи својата креативност во секојдневните ситуации;
  • Стекнување елементарни сознанија за деловите на човечкото тело;
  • Воочување на сличностите и разликите во надворешниот изглед на децата и возрасните, како и кај човекот и останатите живи суштества;
  • Развивање на свест за функциите на своето тело и неговите делови;
  • Поттикнување на љубопитноста за функциите за одделните органи;
  • Осознавање на изгледот, функцијата и работата на некои внатречни органи кај човекот.

Потребен материјал: Огледало, кукли, картони, балони, пластични цевки, селотејп, пластелин, боички, хартија за цртање, ножици, инка, чепкалки за уши, хатиени тутурутки од тоалетна хартија, листови во боја, хамер или некоја друга тврда подлога, пластични лажички и вилушки, итн.

Тек на активноста:

Прашајте го детето дали има поим за себе како живо суштество (човек, животно, птица, риба). Поттикнете го да ги именува и покаже на себе си своите екстремитети: рака, нога, глава, тело, врат, стапала, дланки, прсти (во зависност од возраста на детето). Потоа, мотивирајте го со помош на играчки (кукли, животни) да се спореди по изглед себе со нив и да ги каже сличностите и разликите. Дадете му огледало и пред него нека ги именува и покаже деловите на целото телото, на главата, на стапалата и дланките и да објасни по колку исти делови имаме на телото и за што служи секој од нив, како изгледаат. Предложете му да ги нацрта самото или нацртајте вие човечко тело, по контурите од вашето дете и делови од телото, а тоа нека ги залепи или закачи на соодветното место.

Поттикнете го да допре неколку предмети со различна текстура, да мирисне неколку различни мириси, да слушне разни мелодии и звуци, да вкуси различни вкусови, да гледа блиску, далеку, во светлина, во темно, со едно око, со две очи отворени и затворени и истовремено да ги покажува органите за сетила и да кажува кој орган за што служи (доколку не знае, објаснете му вие). За да си ги потврди своите знаења, детето да ги пополни дадените работни листови со поврзување.

Со помош на асоцијации, насочете го детето кон внатрешните органи на човечкото тело, кој орган каде се наоѓа. Започнете најпрво со срцето (каде се наоѓа, како работи – како чука, како изгледа), заедно истражувајте (во зависност од неговото предзнаење). Следно, истражувајте ја устата (внатрешноста – забите, јазикот, кое за што служи, што и прави устата на храната). Потоа, каде оди храната и како се вари – дигестивниот систем и другите внатрешни органи како што се бубрезите, цревата, белите дробови, како и мозокот и крвотокот (можете да користите и кратки клипчиња од интернет за посликовито да му биде на детето, а можете и да направите внатрешни органи од различни материјали.

Покрај, внатрешните органи, човечкото тело има и коски. Нека ги покаже коските, каде му се наоѓаат на неговото тело, нека истражува која коска е најмала, а која најголема на човечкото тело. Разгледувајте и истражувајте заедно со енциклопедија за човековото тело. Предложете му да направи скелет од разни материјали.

На крај подгответе вкусен ручек, кој ќе асоцира на темава.

Напомена: Оваа активност се прилагодува според возраста, а исто така може да ја реализирате во повеќе денови, по еден орган дневно.

Ви посакувам возбудливи моменти при истражувањето.

Воспитувач: Билјана Гавриловска