News

Наслов на активноста: МАТЕМАТИКА ВО СЕМЕЈСТВОТО -,,Ајде да учиме да броиме, бројки да построиме”

Цели на активностите:

-Да се оспособува детето на систематизирање и поврзување на стекнатите знаења

-Да се поттикне кон воведување на повисоките мисловни процеси (заклучување, помнење, логичко поврзување)

-Да се поттикнува и поддржува во сфаќањето на причинско – последичните врски и релации

-Да се оспособува за решавање на едноставни проблемски ситуации

-Да се поттикнава кон доживување на математиката како пријатно искуство

-Да се оспособи да ги препознава цифрите од 1 до 5, да ја поврзе количината со истите

-Да се поттикнува формирањето на некои особини на личноста како иницијативност, трпеливост, истрајност, љубопитност и прецизност.

МАТЕМАТИКА ВО СЕКОЈДНЕВНИТЕ АКТИВНОСТИ – Децата можат да се вклучат во различни активности во домот и надвор, кои во себе содржат елементи кои се однесуваат на броевите и броењето. Тоа треба да го практикувате често, кога сте заедно со детето на прошетка или пак работите нешто во негово присуство. Значајно е активностите да не се наметнати, туку спонтани, секојдневнк, а во нив да го ангажирате на нешто што може да го направи и кога е расположено да истражува и осознава.

/ ВО ДОМОТ

  1. Броење на предмети

Разговарајте со детето за предметите во домот и прашувајте:

– Колку столчиња има околу масата?

– Колку слики има во дневната соба?

– Поттикнете го детето да ви помогне да ги редите тегличките со зачини на полицата и да изброи колку сте ставиле на полицата со компот, џем, ајвар…

  1. Решавање на проблеми

Дозволете детето да Ви помага во кујната. Барајте од него:

– Донеси едно јаволко, две банани, три портокали за да направиме овошна салата.

-На масата има две лажици, а ние сме петмина – донеси уште три, за да има за сите по една. При тоа разговарајте уште колку донело детето, за да бидат пет. Пофалете го неговиот труд. Осмислувајте слични ситуации, во кои ќе треба да се снаоѓа. Поттикнувајте ја неговата самодоверба и снаодливост.

/ НАДВОР

– Барајте од детето да изброи колку скали поминало за да се симне до лифтот, во дворот итн. (ако не се повеќе од 10)

– Ако минувате на семафор, да Ви каже колку светла има и кое светло е во тој момент.

– Да  прочита (препознае) број на автобус, број на зграда и сл. (Децата треба да ја знаат адресата на живеење, особено поголемите)

– Да набере одреден број на цвеќиња за букет и сл. При тоа можете да ги именувате боите ( три црвени, два бели итн.)

Споделете ја радоста заедно, задоволството ќе биде двострано или повеќестрано ако учествуаат во активноста повеќемина. Комуникацијата нека биде циркуларна. Учествувајте во играта сите.

/ ИГРИ СО ИГРАЧКИТЕ

– Барајте од детето да Ви каже колку кукли (топки) има. Ти купив уште една, сега колку се?

– Што имаш повеќе – автомобилчиња или топки?

– Играјте со детето ,,Не лути се човече”. Внимавајте како ги брои точките на коцката и полињата.

/ ИГРИ СО РАБОТЕН МАТЕРИЈАЛ – КАРТОНЧИЊА СО БРОЕВИ

Подгответе картончиња со броевите од 1 до 5, покасно, во зависност од желбите и можностите на детето и до 10. Воведувањето во светот на броевите, како и препознавањето на нивните цифри оди постапно.

Организирајте игри со комплетот броеви – се земаат картончиња од 1 д 5 и се подредуваат по ред. Побарајте од детето да ги прочита со допирање, а потоа без допирање. Се разместуваат картончињата, како на сликата, и се бара од детето да ги чита по ред (повторно прво со допир, а потоа без допир). Побарајте од детето да ги нареди картончињата од 1 до 5 по ред. Потоа побарајте од него да се сврти или да замижи. За тоа време, Вие разместете две картончиња. Детето треба да погоди, кои се разместени и да ги стави на своите места.

Овие игри можете да ги повторувате по неколку пати, при што и детето треба да Ви ги поставува сличните барања. Во тој случај тоа ќе се чувствува рамноправно во играта.

Истите комбинации можете да ги направите и од другата страна на картончињата каде бројот ќе биде даден со фигура.

/ ИГРИ СО ДОМИНО

– Подредување по ред. Со плочките можете да правите разни подредувања  како на пр. играјте како и кај комплетот со броеви на картончиња. Разместувајте ги плочките, погодувајте што е разместено, а потоа подредете по ред.

– Користење на поимите ГОРЕ-ДОЛУ со домино плочките. Поставете ги плочките верткално  и разговарајте со детето на прашања од видот:

– Која плочка има горе 5?

– Која плочка има долу 3 ?

– Која плочка има горе и долу вкупно 5?

/ ИГРИ НА ТОЧКАСТА ХАРТИЈА

Направете точкаста хартија на компјутерот, а потоа играјте заедно цртајки со Вашето дете фигури, насочувајки го да го црта истото што и Вие. Означете ја почетната точка и додека работите секој на својот лист, следете го детето постојано и охрабрувајте го. За да го направи тоа, детето треба да мисли  во која насока ќе оди и да брои по точки.

Може да играте и со упатства од Ваша страна со изведни барања, или детето самостојно да ги поврзува точките, броејки ги и осмислувајќи некоја фигура. Истата може и да ја избои и да направи слика која дополнително ќе направи да се гордее со она што е направено самостојно. Ќе бидете задоволни и ако го прашате детето да ви објасни како ја направи сликата.

/ИГРИ НА ХАРТИЈА СО КВАДРАТЧИЊА

Може да обои квадратчиња по свој избор и да каже колку квадратчиња обоило и со која боја. Може да му ја напишете цифрата која означува колку квадрати да обои, назначете боја или други слични активности.

Играјте заедно математика, радувајте се и бидете при тоа опуштени, релаксирани и среќни. Не заборавајте дека само еднаш во животот е дадена можноста да се  биде дете. Бидете и Вие на момент дете и уживјте  во тоа. Користете ја секоја прилика да бидете со Вашето дете, растете со него – учејќи го на животот.

Го поздравувам Вашето учење од дома.

 

Подготвил: Воспитувач  – Веселка Божиновска