News

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: Воздушен сообраќај – ” Од балон до авион” – Разговор по енциклопедија

-Превиткување на авиончиња од хартија – Манипулативна игра

Цели на активноста:

-Запознавање со воздушниот сообраќај; како изгледале првите машини што летале…аеродром, пилот, стјуардеса;

-Да се поттикнува кон поставување на прашања за непознати предмети, лица и настани во моментот на набљудувањето;

-Да се поддржува кога пројавува иницијатива и интереси за стекнување нови знаења;

Да се развива способноста кај детето да превиткува хартија (техника – оригами);

-Развивање на упорност и истрајност, јакнење на ситната мускулатура и моторика.

Потребен материјал: енциклопедии, интернет, детски списанија, сликовници, колаж хартија, ножици…

Тек на активноста

Разговорот може да го започнете со набљудување на птиците како летаат. Објаснете им на децата, дека луѓето така добиле идеа како да создадат летала за себе. За подобро да ве разберат послужете се со енциклопедија или интернет, поттикнете го детето да разговара, да прашува, да открива како се развивал воздушниот сообраќај.

Објаснете им дека во денешно време авионот е најбрзо и најсигурно сообраќајно превозно средство. Потоа покажете им слика на аеродром, кажете им дека тоа е местото на кое е дозволено безбедно полетување и слетување на авионите, потоа објаснете им ја процедурата за патување со авион. Преку стихови децата може да се запознаат со професиите пилот и стјуардеса :

      ПИЛОТ                                СТЈУАРДЕСА

Возам смело                         Високо, на небеса

авионче бело.                       во авионот што лета,

Час сум горе                           работи тетка стјуардеса.

час сум доле                          Патниците и се гости,

ширум небесно море.         таа е главна дама,

Здраво небо,                          служи чај и кафе

птици здраво.                        нежно како мама.

А за пилотот наш

едно големо браво!

Ако децата пројават интерес може да ги научат стиховите, да ги рецитираат.

Како идеа плус ви предлагам да играте игра “Патуваме со авион”, да си поделите улоги на пилот, стјуардеса, патници и да “летате” во некое далечно место на летен одмор. На крај разговарајте за ракети и космонаути, што е многу интересна тема за децата, а ако сте во можност направете постер од воздушни превозни средства и дајте му наслов “Патуваме во небесната шир”.

Манипулативна игра – Превиткување авионче од хартија, е исто така многу интересна игра за децата. Објаснете им ги чекорите еден по еден, а децата нека се обидат да повторуваат по вас. Направете повеќе авиончиња по можност во различни бои и организирајте натпревар во летање: кое авионче може да лета повиско, побрзо, подалеку….

Подготвил: Воспитувач – Мира Георгиевска