News

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста:  Авион и врапче – Драматизација

Цели на активноста:

-Запознавање и емоционално доживување на содржината на драмскиот текст

-Развивање на системот на гласови и невербално движење за прикажување на чувствата и различни животни измислени ситуации

-Развивање на имагинација, инвентивност и творештво

Потребен материјал: енциклопедија, слики, апликации, дрвени стапчиња, картон, хартија во боја

Тек на активноста

Поврзано со темата „Вооздушен сообракај“ разговарајте со вашето дете, по можност преку енциклопедија, слики, апликациии, видео презентации и слично. Набљудувајќи ги птиците, поттикнете ги децата да прашуваат, да направат споредба – како се движат авионите, хеликоптерите, која е нивната намена…Во прилог, ви предлагам една мала драматизација.

АВИОН И ВРАПЧЕ

Авионот се спушти на рамнината и застана. Од некаде слета едно врапче и му застана на крилото. Тие започнаа разговор:

ВРАПЧЕТО: Кој си ти?

АВИОНОТ: Јас сум твојот голем брат.

ВРАПЧЕТО: Од каде идеш?

АВИОНОТ: Слетав од облаците.

ВРАПЧЕТО: Имаш ли очи?

АВИОНОТ: Немам, но гледам со очите на пилотот.

ВРАПЧЕТО: Што е тоа пилот?

АВИОНОТ: Пилот се вика човекот што ме вози.

ВРАПЧЕТО: Имаш ли срце?

АВИОНОТ: Моторот е моето срце. Додека тој работи, јас летам. Штом ќе се расипе, јас паѓам и умирам. Исто онака како што умираат птиците, животните и луѓето, кога ќе престане да чука нивното срце.

ВРАПЧЕТО: Зошто одиш по светот?

АВИОНОТ: Пренесувам патници, стока и писма.

ВРАПЧЕТО: Умееш ли да пееш?

АВИОНОТ: Умеам

ВРАПЧЕТО: Те замолувам, запеј малку!

(Авионот почна силно да брчи. Врапчето се исплаши и побегна)

Повторете ја неколку пати драматизацијата, со цел детето да ја меморира, а потоа изработете две апликации – едно врапче и еден авион, кои може да ги прикачите на стапче. Поделете ги улогите според можностите и обидете се со вашето дете да ја драматизирате истата. Играта може да се повтори, со што се создаваат услови за меморирање на одредени делови од текстот.

Иако децата знаат дека животните не зборуваат, ним не им пречи што животните и предметите зборуваат, играат, пеат, се смееат и слично. Тие живеат и играат во светот на приказните.

Подготвил:  Воспитувач – Сузана Чурлинова